Пропадна уште еден обид за договор за Изборниот законик: СДСМ стравува од манипулации, Левица нуди компромис за една изборна единица

7

Иако политичките партии во Собранието денеска повторно седнаа на заедничка маса, обидот да се изнајде заеднички јазик за измените на Изборниот законик заврши без конечен успех. Главниот камен на сопнување останува начинот на гласање на дијаспората, околу кој власта и опозицијата имаат дијаметрално спротивни ставови.

СДСМ: Моделите на власта се „шверцерски“ и без надзор

Од опозициската СДСМ остануваат на ставот дека предлозите за електронско или поштенско гласање на иселениците се неприфатливи, бидејќи оставаат широк простор за изборни манипулации. Пратеничката Јованка Тренчевска на прес-конференција истакна дека дијаспората и сега го користи своето право на глас според постојниот модел.

„На еден ваков шверцерски начин да се носи закон кој треба да се применува од 2029 година, без консензус и без механизми за надзор, за нас е неприфатливо. Потребно е да се консултираат европските искуства и заеднички да утврдиме како ќе гласа дијаспората, но и граѓаните во земјава за изборите во 2029 година“, изјави Тренчевска.

ВМРО-ДПМНЕ нуди отстапки за една изборна единица

Од владејачката ВМРО-ДПМНЕ порачаа дека се подготвени да ги прифатат сите останати барања на опозицијата, вклучително и воведувањето на една изборна единица, доколку се овозможи дијаспората да гласа по пошта или по електронски пат.

Левица со предлог за „пилот-проект“

Партијата Левица излезе со свој предлог за надминување на ќор-сокакот. Тие нудат поддршка за гласањето по пошта во странство, но само како „пилот-проект“ за претседателските избори, доколку паралелно се усвои моделот на една изборна единица.

„На наше изненадување, ВМРО-ДПМНЕ го прифати овој предлог како став на целата коалиција. Сепак, како партија имаме основано сомневање дека можеби постои премолчен договор меѓу големите партии моделот на една изборна единица на крајот сепак да не помине“, изјави пратеникот Борислав Крмов.

Иако некои позиции се приближени, амандманската блокада во Собранието останува, а политичкиот дијалог продолжува во неизвесност. Усогласувањето на Изборниот законик е клучен услов за исполнување на реформската агенда на земјата кон Европската Унија.

Македонски