Промовирана „Платформа за промени“: Поранешни функционери на СДСМ и јавни личности најавуваат нова опозициска алтернатива

9

Случајно или не, а речиси во исто време со најавите за владина реконструкција, на домашната политичка сцена се појавува нова иницијатива. Со присуство на голем број универзитетски професори, адвокати, граѓански активисти, како и поранешни и актуелни државни и партиски функционери, претежно од редовите на СДСМ, денеска беше официјализирана „Платформата за промени во опозицијата“.

Симболика и главни цели

Иницијативата беше претставена преку јавна трибина насловена „Разговори за иднината во 12.05“. Почетокот на настанот, закажан точно во пет минути по 12 часот, според иницијаторите, носи симболична порака – дека е крајно време за појава на вистинска политичка алтернатива која ќе и парира на актуелната власт и ќе понуди нови решенија.

Во фокусот на дебатата, која ја модерираше универзитетскиот професор од Економскиот факултет, Игор Ивановски, беа поставени клучни прашања поврзани со иднината и перспективите на државата. Дополнително, учесниците дискутираа за состојбата со политичкиот плурализам во земјата и насоките за идно опозициско дејствување.

Кој сè застана зад иницијативата?

На трибината присуствуваа бројни познати имиња од политичкиот, академскиот и јавниот живот.

Меѓу присутните беа забележани: Андреј Петров, Гордан Георгиев, Емилијан Станковиќ, Никола Ќуркчиев, Александар Бајдевски, Ема Нешковска, Насе Насев, Моника Зајкова, Славјанка Петровска, Сашко Митревски, Стојко Пауновски, Милена Стевановиќ, Костадин Ацевски, Драган Анастасов, Диме Велковски, Коста Начевски, Љубомир Гајдов, Ивор Мицковски, Бојан Столевски, Митко Андреевски, Неда Здравева, Ненад Марковиќ, Милена Цветановска, Сретен Богоевски, Предраг Трпевски, Звонко Давидовиќ и Валентин Пепељугоски.

Овој собир отвора прашања во јавноста за понатамошното окрупнување или преструктуирање во рамките на опозицискиот блок во претстојниот период.

Претходно СДСМ преку прес-конференција и соопштение за медиумите изјави дека веќе извесен период ВМРО-ДПМНЕ заговара нов „ЗНАМ 2.0“ на македонската политичка сцена.

Македонски