КАДРОВСКИ РОКАДИ НА „ИЛИНДЕНСКА“: Клековски седнува во жешкото столче во Здравство, Перински оди во ФЗО
Реконструкцијата на Владата добива конкретни контури. Според потврдени информации од високи партиски извори за ТВ 24, клучните промени ги опфаќаат ресорите здравство, социјална политика и правда. Најголемото изненадување е преминот на актуелниот директор на ФЗО, Сашо Клековски, на министерската позиција во Здравство, додека коалициските партнери ги финализираат имињата за преостанатите ресори.
ВМРО-ДПМНЕ прави внатрешна рокада на неколку позиции. По заминувањето на Сашо Клековски во Министерството за здравство, неговото место во Фондот за здравствено осигурување (ФЗО) најверојатно ќе го пополни актуелниот министер за локална самоуправа, Златко Перински. Како негов наследник во министерството за локална самоуправа се споменува името на Иван Стоиљковиќ.
Промена има и во социјалната сфера. На местото на Фатмир Лимани во Министерството за социјална политика, демографија и млади, доаѓа досегашниот заменик-министер Ѓоко Велковски. Сепак, сè уште е неизвесна позицијата на министерот за спорт, Борко Ристовски, за кого во партијата сè уште се дебатира дали ќе остане дел од владиниот тим.
„Вреди“ со нови кадри во Правдата и Културата
Албанскиот партнер во власта, коалицијата „Вреди“, веќе ги дефинира своите шест министерства. Ресорот правда се очекува да го преземе универзитетскиот професор Јетон Шасивари.
За Министерството за култура во игра се две имиња – Седат Сулејмани и Салим Сулејмани, додека за Министерството за односи меѓу заедниците сè уште нема конечна одлука. Меѓу потенцијалните кандидати за овој ресор се споменуваат Агон Ферати и Азир Алиу.
ЗНАМ се сели во Земјоделство, промени и кај помалите партнери
Движењето ЗНАМ, иако првично инсистираше на ресорот правда, во реконструкцијата најверојатно ќе го преземе Министерството за земјоделство. Како најсериозен кандидат за министерската функција се посочува досегашниот државен секретар, Борче Серафимовски.
Од Владата заминува и министерот без ресор Шабан Салиу. На негово место, според коалицискиот договор, ќе дојде кадар од Демократската партија на Турците (ДПТ).
Овој нов кадровски пакет се очекува официјално да биде доставен до Собранието во почетокот на идната недела, кога ќе започне формалниот процес за избор на новата структура на извршната власт.