В ПЕТОК И САБОТА КЛУЧНИТЕ ПРЕГОВОРИ ЗА ВЛАДИНАТА РЕКОНСТРУКЦИЈА: Мицкоски со пофалби за ВЛЕН, Касами подготвува сопствен концепт

7

Владејачката коалиција влегува во фаза на кадровско освежување. Премиерот Христијан Мицкоски потврди дека в петок и сабота ќе се одржат официјалните состаноци меѓу партнерите ВМРО-ДПМНЕ, ВЛЕН и ЗНАМ, на кои ќе се дефинираат контурите на најавената реконструкција на Владата.

Мицкоски упати јавни пофалби до коалицискиот партнер ВЛЕН, карактеризирајќи ја досегашната соработка како пријателска и коректна. Како клучен аргумент за стабилноста на ова партнерство, премиерот ги посочи резултатите од локалните избори, каде што ВЛЕН извојува победи во десет општини.

„Имаме коректна и пријателска соработка со ВЛЕН и очекувам тоа така и да продолжи. Тие беа убедливи победници во албанскиот политички блок на локалните избори, па затоа не гледам никаква пречка за нашето натамошно заедничко делување“, изјави Мицкоски.

Касами: Прво визијата на премиерот, па потоа нашиот план

Од друга страна, еден од лидерите на коалицијата ВЛЕН, Биљал Касами, останува воздржан во откривањето детали пред официјалната средба. Тој нагласи дека ВЛЕН има сопствен концепт за освежување на владиниот кабинет, но дека клучот лежи во усогласувањето на визиите со премиерот.

„Не можеме да зборуваме пред средбата. Сакаме да ја слушнеме визијата на премиерот и потоа ќе излеземе со став дали ќе има само кадровски смени на позициите што веќе ги држи ВЛЕН или, пак, ќе се оди на поширока ротација на министерствата“, појасни Касами.

Избори напролет или редовен термин во 2028 година?

Додека владејачкото мнозинство се подготвува за внатрешна реорганизација, опозицијата продолжува со притисокот за предвремено гласање. Лидерот на ДУИ, Али Ахмети, неодамна побара избори напролет, најавувајќи целосна мобилизација на партиските структури.

На ваквите барања, партнерите во власта одговорија негативно. Касами истакна дека Македонија во моментов нема потреба од предвремени избори бидејќи фокусот е ставен на реализација на владината програма, иако додаде дека ВЛЕН има капацитет да победи доколку тие се одржат веднаш. Премиерот Мицкоски останува на ставот дека изборите треба да бидат редовни, во 2028 година, со цел да се обезбеди политичка и економска предвидливост за државата.

Македонски