ДУИ ВО КОНТРАОФАНЗИВА: Обвинувањата на ВЛЕН за автопатот Скопје–Блаце се клевети за прикривање на неспособноста
Демократската унија за интеграција (ДУИ) упати остра реакција до коалицијата ВЛЕН, отфрлајќи ги како целосно невистинити и клеветнички наводите дека партијата имала приватни интереси со земјиштето низ кое поминува трасата на автопатот Скопје–Блаце. Според интегративците, ваквите обвинувања се само одраз на „политичкиот менталитет на Изет Меџити“.
Од ДУИ сметаат дека нападите од страна на ВЛЕН доаѓаат во момент кога новата власт нема конкретни резултати на терен, па затоа прибегнува кон фабрикување на афери.
„Луѓето судат според себе“
„Кога Изет Меџити ќе слушне за стратешки проект, неговата прва мисла очигледно се парцели, профит и приватни интереси. Тоа е најдобриот доказ за неговиот начин на размислување. Наместо да измислува теории на заговор за некакво земјиште, Меџити треба да им одговори на граѓаните на суштинските прашања“, се вели во соопштението на ДУИ.
Зошто проектот се деградира?
Опозициската партија јавно го повика вицепремиерот Меџити да појасни зошто проектот за изградба на овој коридор е во постојан застој веќе две години и зошто воопшто се разгледува можноста за негово деградирање од автопатско решение во обичен магистрален пат.
„ДУИ прашува зошто се доведува во прашање коридор од огромно национално значење? Изет Меџити избира клевети затоа што нема аргументи. Ова е веќе виден метод: кога се соочувате со неуспех во реализацијата, почнувате да произведувате напади кон другите. Граѓаните не бараат политички театар, туку одговори и завршен автопат“, децидни се од ДУИ.
Овој вербален дуел е само продолжение на низата обвинувања меѓу двете политички опции во албанскиот блок, кои во последниот период се фокусирани на реализацијата на капиталните инфраструктурни проекти во земјава.