ВЛЕН: Опозицијата реагира за автопатот Скопје-Блаце бидејќи им пропаднаа плановите за милионски заработки од експропријација

8

Коалицијата ВЛЕН упати остри критики до опозициската ДУИ во врска со реакциите за изградбата на автопатот Скопје-Блаце. Според ВЛЕН, „вревата“ на опозицијата не е поради грижа за проектот, туку поради промената на трасата која, како што велат, оневозможила поединци блиски до претходната власт да остварат огромни профити преку државна експропријација на претходно купено земјиште.

Од ВЛЕН потенцираат дека овој стратешки проект со години бил заложник на лични и теснопартиски интереси, што резултирало со негово постојано одложување.

„Повиците на ДУИ имаат само една вистинска позадина: новата траса не поминува низ парцелите каде што со години се правеле пресметки за милионски суми од експропријација. Нивниот обид автопатот да служи на индивидуални интереси наместо на граѓаните – дефинитивно не успеа“, стои во официјалното соопштение на коалицијата.

Според нив, сега за првпат примарни се интересите на граѓаните, а патот ќе се гради врз основа на стручни и професионални решенија кои се економски оправдани и корисни за целата заедница.

„Трасата ќе се реализира во корист на јавноста, а не според плановите на оние кои мислеа дека ќе се збогатат преку ноќ од овој пат. Ова е победа на професионализмот над партиските калкулации“, додаваат од ВЛЕН.

Автопатот Скопје-Блаце е клучен инфраструктурен проект за поврзување со соседно Косово, кој со децении е предмет на политички дебати и ветувања. Со најновите обвинувања, јазот меѓу власта и опозицијата околу реализацијата на капиталните инвестиции дополнително се продлабочува.

Македонски