ЗАПУШТЕН СИМБОЛ НА АЕРОДРОМ: Советникот Самарџиски бара итна реконструкција на култниот летниковец на „Јане Сандански“

22

Советникот во Општина Аеродром од редовите на ВМРО-Народна партија, Даниел Самарџиски, реагираше со прашање до локалните служби поради неисполнување на ветувањето за реконструкција на познатиот летниковец лоциран во дворот на зградата број 91 (влез 2) на булеварот „Јане Сандански“.

Самарџиски потсети дека за време на носењето на општинскиот Буџет за 2026 година, тој поднел амандман за обезбедување средства за реновирање на овој простор. Амандманот тогаш бил одбиен со образложение од општинската администрација дека летниковецот веќе е влезен во редовниот план за реконструкција. Сепак, половина година подоцна, нема никакво поместување од мртва точка.

Топлото време дојде, летниковецот останува руина

„Просторот денес е уште позапуштен отколку кога официјално барав негово реновирање. Очекувавме дека до почетокот на летото граѓаните веќе ќе имаат достоен простор за одмор и разладување од горештините, но добивме само празни ветувања“, реагира Самарџиски.

Одговорот од ЈП за комунални дејности на Општина Аеродром дополнително влева незадоволство. Директорот на претпријатието штуро одговорил дека „не знаел кога точно била побарана реконструкцијата и дека истата ќе се изврши кога ќе дојде на ред“.

Критична точка што го руши угледот на општината

Овој локалитет се наоѓа во една од најгусто населените зони во Аеродром. Како што истакнува Самарџиски, со децении овој летниковец бил социјален центар, препознатливо место за дружење на пензионерите и љубителите на шах, табла и јамб.

„Многу неформални турнири се одиграа токму тука. Овој објект беше важен дел од социјалниот живот на населбата. Денес, наместо тоа, просторот е запуштен до непрепознатливост и претставува критична точка која дава катастрофална слика за наводните ‘напори на општината’ за грижа кон урбаните и зелени простори“, нагласува советникот.

Додека летните горештини земаат замав, жителите од овој дел на Аеродром и понатаму чекаат локалната власт да ги исполни своите ветувања и да го врати стариот сјај на местото кое некогаш ги обединуваше генерациите.

Македонски