АРХАНГЕЛ СЕ ВРАЌА: Нов сингл по две децении пауза и голем концерт „Срцевина“ на Стадионот на АРМ

14

Култниот македонски рок бенд „Архангел“, по повеќе од дваесет години дискографска пауза, официјално означи ново поглавје во својата богата кариера. Со премиера на видеоспотот за новиот сингл „Дни оловни“, фронтменот Ристо Вртев денеска го најави претстојниот голем концерт насловен „Срцевина“, кој ќе се одржи на 13 јуни на Стадионот на АРМ во Скопје.

Новата песна, која ја носи препознатливата поетска острина и бескомпромисен авторски печат на Вртев, е само вовед во петтиот студиски албум на бендот. На прес-конференцијата во Скопје, авторот порача дека автентичноста и културниот идентитет се клучни за опстанокот на едно општество.

„Без култура и духовност идентитетските прашања нема да се поставуваат, едноставно ќе нè снема. За мене ‘Архангел’ е претворање на чувството во песна која мора да биде автентична и да не личи на ништо постоечко. Ова е авторска музика водена од чиста енергија“, истакна Вртев, кој зад себе има 44-годишно творештво.

Ексклузивен гостин: Васил Хаџиманов

Концертот „Срцевина“ ќе биде збогатен со настапот на светски познатиот џез-пијанист Васил Хаџиманов и неговиот бенд. Хаџиманов, кој се вклучи преку видео-врска, откри дека со Вртев веќе работат и на заеднички музички материјал.

„Голема чест е да се свири пред легендарен бенд како ‘Архангел’. Не е битен жанрот или стилската фиока во која ве сместуваат, туку што имате да кажете преку музиката. Ние имаме многу за кажување и ќе бидеме освежување за публиката таа вечер“, порача Хаџиманов.

Нова енергија во бендот

Покрај основачот Ристо Вртев, денешниот состав на „Архангел“ го сочинуваат искусни музичари кои ветуваат врвна продукција: Александар Ванчовски, Дејан Митровиќ на бас, Иван Петровски на гитара и Филип Димишковски на клавијатури.

Концертот е закажан за 13 јуни со почеток во 20:00 часот, а покрај добро познатите антологиски хитови кои ги одбележаа деведесеттите години, публиката за првпат во живо ќе има можност да слушне и дел од сосема новите композиции на бендот.

Македонски