ДЕМОКРАТСКИ КРАХ ВО ГРАД СКОПЈЕ: Опозицијата обвинува за „замолчување“ и брутално кршење на Деловникот

11

Советот на Град Скопје се претвори во арена на жестоки судири, но овојпат не поради различните визии за градот, туку поради начинот на водење на седниците. Опозициските советници од СДСМ и Левица денеска упатија сериозни обвинувања до градоначалникот Орце Ѓорѓиевски и владејачкото мнозинство, тврдејќи дека свесно се задушува дебатата и се воведува систем на „еднонасочни монолози“.

СДСМ: Градоначалникот држи монолози, а ние немаме право на реплика

Координаторката на СДСМ, Катерина Цаневска Арсовска, на прес-конференција го нарече новиот начин на работа „изум за уништување на демократијата“. Според неа, на советниците им е оневозможено да реплицираат и да укажуваат на недоследностите во одговорите на градоначалникот.

„Ѓорѓиевски не одговори на низа клучни прашања – од изборот на директори и непотизмот во Пожарната, до хаосот во ЈП ‘Лајка’. Понудивме и документација за набавка на нови автобуси, но одговор нема. Најверојатно се бега од секоја тема каде што нема простор за партиски калкулации и злоупотреба на пари“, истакна Цаневска Арсовска, додавајќи дека материјалите за ребалансот на Буџетот биле доставени спротивно на законските рокови.

Левица: Се штитат ПР-„утките“ на градоначалникот

На критиките се приклучија и советничките од Левица, кои сметаат дека ваквото однесување е резултат на стравот на градоначалникот од деликатни прашања кои го вадат од рамнотежа.

„Очигледно сакаат да му купат време на градоначалникот за да се консултира со тимот и да се смири, бидејќи неговите најголеми ПР-катастрофи се случуваат токму кога ќе се изнервира од прашањата. Втората причина е желбата на мнозинството да си оди дома побрзо. Срамно е да земате 44.000 денари паушал, а да не можете да издржите ни три часа дебата еднаш месечно“, изјави Евгенија Станковска од Левица.

Институционален хаос и игнорирање на координациите

Советничката Катерина Јовановска од Левица дополнително откри дека ваквиот начин на водење на седницата никогаш не бил договорен на претходните координации, туку бил наметнат како готов предлог од мнозинството.

Додека опозицијата обвинува за „диктатура во Град Скопје“, од владејачкото мнозинство засега нема официјално образложение зошто е скратено правото на реплика, потег кој според експертите сериозно го нарушува легитимитетот на локалната самоуправа и транспарентноста пред скопјани.

Македонски