Трагедија во Либан: Загина српски мировник на ОН при гранатирање на воена база
Српскиот мировник, постариот водник Милован Јовановиќ, го загуби животот во Либан откако воена база на Обединетите нации беше погодена од проектил. Веста ја потврди српското Министерство за одбрана, појаснувајќи дека Јовановиќ утрово им подлегнал на тешките повреди во болница во Бејрут.
Според официјалното соопштение, по нападот на Јовановиќ му била укажана итна медицинска помош во рамките на базата, по што со хеликоптер бил транспортиран во Универзитетскиот медицински центар во либанската престолнина. И покрај напорите на лекарите, припадникот на српските сили не преживеал.
Во истиот напад со полесни и потешки повреди се здобиле уште двајца мировници на ОН, државјани на Шпанија и Ел Салвадор.
Милован Јовановиќ беше дел од мисијата на ОН во Либан од јануари оваа година. Трагедијата е уште поголема бидејќи тој за два дена требаше да го прослави својот 37-ми роденден.
Српските државни власти и воениот врв упатија сочувство до семејството на загинатиот водник, нагласувајќи ја неговата пожртвуваност во зачувувањето на глобалниот мир под знамето на Обединетите нации. Инцидентот уште еднаш ја алармира меѓународната јавност за исклучително опасната безбедносна состојба во Либан и ризиците со кои се соочуваат мировните трупи на терен.