Падна последната блокада: Украина и Молдавија на 15 јуни ги започнуваат преговорите со ЕУ

5

По двегодишен период на неизвесност и дипломатски застој, Европската Унија е подготвена формално да ги отвори пристапните преговори со Украина и Молдавија. Актуелното кипарско претседателство со Советот на ЕУ потврди дека подготовките се во завршна фаза, а првите меѓувладини конференции се планирани за 15 јуни во Луксембург.

Овој историски исчекор за двете земји доаѓа како резултат на интензивни преговори во Брисел, со кои се надминаа последните пречки за почеток на поглавјата од првиот преговарачки кластер.

Унгарија ја тргна сопирачката по договорот за малцинските права

Клучниот пресврт се случи во Будимпешта. Новиот унгарски премиер, Петер Маѓар, ја повлече долготрајната блокада откако беше постигнат билатерален договор со Киев за зајакнување на правата на етничките Унгарци во Украина.

Премиерот Маѓар претходно беше дециден дека заштитата на унгарското малцинство е неговиот примарен услов за давање „зелено светло“ за украинската евроинтеграција. Со решавањето на ова прашање, Унгарија веќе нема пречки за започнување на процесот.

Долготраен пат со строги критериуми

Иако датумот за почеток на преговорите претставува голема политичка победа за Киев и Кишињев, патот до полноправно членство останува долг и неизвесен. Во првата фаза, двете земји ќе се соочат со најтешкиот испит – усогласување на правосудните системи и реформа на јавната администрација според европските стандарди.

Преговарачката рамка е поделена на шест тематски кластери кои покриваат десетици поглавја. Процесот е дизајниран на начин што напредокот во секоја област ќе се оценува поединечно, а секое назадување во владеењето на правото може да доведе до стопирање на целата процедура.

Експертите во Брисел предупредуваат дека преговорите можат да траат со години, а почетокот на разговорите не е автоматска гаранција за конечен прием. Сепак, за Украина и Молдавија, 15 јуни ќе биде запишан како денот кога нивната европска иднина стана институционална реалност.

Македонски