ПЕНДАРОВСКИ ЗА „АФЕРАТА ШПИОНАЖА“: Зошто е суспендиран ИТ-експертот ако Сиљановска тврди дека нема пробивање на системот?
Поранешниот претседател Стево Пендаровски во интервју за емисијата „360 степени“ на МТВ ги отвори клучните дилеми околу наводите за извлекување информации од претседателскиот кабинет. Пендаровски јавно ја праша својата наследничка, Гордана Сиљановска-Давкова, како може истовремено да тврди дека „нема афера со шпионажа“, а во исто време да потврдува дека е суспендиран вработен во ИТ-секторот на Вила Водно.
Пендаровски се согласи со претседателката дека класифицираните документи најчесто се добиваат и архивираат во хартиена форма, но истакна дека тоа не е доволен аргумент за отфрлање на сомнежите за дигитален упад.
„Точно е дека документите се на хартија, но ако нема афера, зошто е суспендиран токму ИТ-техничар? Во ред, не е суспендиран архиварот, па да кажеме дека е пробиено таму каде што е хартијата. Но, зошто тогаш ИТ-експертот е надвор од работа? Просто прашувам… Да кажеш дека нема афера само затоа што документите се во плико, значи свесно да го занемариш фактот дека нешто се случило во дигиталниот систем“, изјави Пендаровски.
Случајот со „огнената група“ и Али Ахмети
Запрашан дали овој случај може да се спореди со протекувањето на информации од неговиот мандат, кога во јавноста излегоа детали од средба со државниот врв и странски амбасадори, Пендаровски појасни дека станува збор за сосема различна ситуација.
„Тогаш се работеше за вработен кој бил дел од ‘огнената група’. Тој од кабината на преведувачот успеал со својот мобилен телефон да сними неколку акценти од излагањето на Али Ахмети, со цел да ги искористи за внатрепартиски пресметки. Надлежните служби, вклучително и АНБ, тогаш утврдија дека немало контакт со странски служби и дека снименото не е класифицирана информација. Човекот веднаш беше отстранет од кабинетот“, рече тој.
Заев и Мицкоски договориле „Бугари во Устав за предвремени избори“
Поранешниот претседател откри и детали за неофицијалниот договор меѓу поранешниот премиер Зоран Заев и актуелниот премиер Христијан Мицкоски за формирање широка коалиција. Според него, планот бил поддржан и од меѓународниот фактор, пред сè од американската дипломатија.
„Идејата беше едноставна и имаше две точки: денес се внесуваат Бугарите во Уставот, а утре одиме на предвремени избори. Со тоа ВМРО-ДПМНЕ би добила избори една година порано, а политичкиот товар за уставните измени би го понеле сите заедно. Целта беше по изборите државата да продолжи со брз развој и интеграција во ЕУ, без тој товар на грбот. Заев ја објаснувал оваа идеја во врвот на СДСМ и во Владата“, откри Пендаровски.