СЕ ТРЕСЕ ВО ХРВАТСКА: Земјотрес со јачина од 4,1 степен по Рихтер почувствуван кај Сисак

9

Силен земјотрес утрово ја вознемири централна Хрватска. Според податоците на Европско-медитеранскиот сеизмолошки центар (ЕМСЦ), потресот со магнитуда од 4,1 степен според Рихтеровата скала е регистриран во 09:51 часот по локално време.

Епицентарот на земјотресот бил лоциран на 10 километри јужно од градот Сисак и околу 56 километри југоисточно од главниот град Загреб. Потресот се случил на длабочина од девет километри и бил почувствуван од голем број граѓани во централниот дел на земјата.

Ова е втор посилен земјотрес во Хрватска за само два дена. Претходно, во понеделникот, сеизмолошките служби регистрираа потрес во Далмација со јачина од 3,7 степени. Тој епицентар бил во близина на планината Свилаја, на 15 километри северозападно од Сињ, со интензитет кој се движел меѓу IV и V степени според европската макросеизмичка скала.

Засега нема информации за предизвикана материјална штета од денешниот потрес кај Сисак, но локалните жители на социјалните мрежи известуваат за силно, но краткотрајно тресење на тлото.

Македонски