СТРУГА СЕ ПОДГОТВУВА ЗА ВЕЛИЧЕСТВЕНА ЛИТИЈА: Моштите на Свети Георгиј Победоносец ќе поминат низ струшките улици

8

Струга и оваа година ќе биде центар на голема духовна свеченост. Црквата „Свети Георгиј“ ги повикува верниците и граѓаните на традиционалната празнична литија (Еордија) со чудотворната икона и светите мошти на заштитникот на градот, Светиот великомаченик Георгиј Победоносец.

Настанот, кој претставува еден од највпечатливите верски настани во регионот, ќе се одржи во четврток, на 7 мај, со почеток во 16:00 часот.

Духовна традиција која обединува

Молитвеното дефиле со моштите на светителот е длабоко вкоренета традиција во Струга, која секоја година привлекува илјадници верници од земјата и странство. Литијата е симбол на победата на животот над смртта и духовното единство, особено во овој празничен период на Велигденските денови.

Организаторите од црквата „Свети Георгиј“ упатија празничен поздрав до сите православни христијани со радосните зборови: „Христос воскресе!“, канејќи ги сите заеднички да учествуваат во молитвеното чествување на патронот на Струга.

Се очекува на литијата да присуствуваат бројни свештенослужители, монаштвото од Бигорскиот манастир и Рајчица, како и претставници на локалниот културен и јавен живот, придружувани од градскиот оркестар и голем број граѓани.

Македонски