Трагедија на градилиште во Кисела Вода: Еден работник загина, двајца повредени по уривање на земја

12

Црниот биланс во градежниот сектор продолжува да расте. Еден работник го загуби животот, а двајца негови колеги беа повредени во тешка несреќа што се случи утрово на градилиште во скопската населба Кисела Вода. Трагедијата се случила при ископ на темели, кога врз работниците се урнала огромна количина земја.

Според првичните информации, еден од затрупаните работници починал на лице место, вториот е хоспитализиран со тешки скршеници, додека третиот поминал со полесни контузии. Ова е втора ваква трагедија во истата општина за само неколку месеци, откако во март годинава работник загина при пад од висина.

Коневски: Имаме уредна дозвола; Изведувачот недостапен

Инвеститор на објектот каде што се случи несреќата е компанијата „Нар Инвестмент“, чиј сопственик е поранешниот градоначалник на Општина Аеродром, Ивица Коневски. Компанијата е основана кон крајот на 2025 година. Во изјава за медиумите, Коневски потврди дека земјиштето е во семејна сопственост и тврди дека за градбата се обезбедени сите потребни одобренија.

Изведувач на градежните работи е „Компанија Јакимовски“. Сопственикот Предраг Јакимовски до моментот на објавување на веста остана недостапен за коментар и објаснување за безбедносните протоколи на градилиштето.

На терен се излезени полициски екипи и трудови инспектори кои треба да утврдат дали биле испочитувани стандардите за обезбедување на ископите и дали работниците имале соодветна заштита.

Црни статистики: Градежништвото со највисока смртност

Градежниот сектор во Македонија останува меѓу најопасните по живот. Податоците на Македонското здружение за заштита при работа (МЗЗПР) покажуваат дека во текот на 2024 година се случиле 133 несреќи на работно место, од кои дури 17 завршиле фатално. Градежништвото и транспортот го делат првото место по стапка на смртност.

Од здружението предупредуваат дека вистинската бројка на повредени е веројатно многу повисока, но голем дел од случаите се прикриваат поради влијанието на сивата економија и притисоците врз работниците.

Закон има, казна нема

Иако Законот за безбедност и здравје при работа наложува строги обврски за работодавачот – од проценка на ризик до заштитна опрема – синдикатите алармираат дека на терен овие правила често се игнорираат.

„Кривичната одговорност за работодавачите во Македонија речиси и да не постои. Додека институциите реагираат селективно, а контролите се слаби, работниците ќе продолжат да ги плаќаат пропустите со сопствениот живот“, велат од Сојузот на синдикати.

Останува отворено прашањето дали обвинителството ќе покрене постапка за овој случај и кој ќе ја понесе одговорноста за згаснатиот човечки живот во Кисела Вода.

Македонски