ФИЛИПЧЕ: Власта создава вештачки непријатели од соседите и ја кочи европската иднина на државата
Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, упати остри критики до актуелната власт, обвинувајќи ја за водење на неодговорна и националистичка политика која намерно ги влошува односите со соседите. Во интервју за телевизија „Сител“, тој истакна дека наместо заштита на националните интереси, реториката на ВМРО-ДПМНЕ донела само блокада на евроинтеграцискиот процес.
Според Филипче, владејачката партија ја презела власта врз основа на силна пропаганда за наводна загрозеност на македонскиот јазик и идентитет, што според него, се покажало како целосна невистина.
„Ништо од тоа не е точно. Тие дојдоа со националистичка реторика и како резултат на тоа ја закочија земјата. Наместо државнички пристап, во изминатите две години постојано се произведуваат тензии кои нè оддалечуваат од политиката на добрососедство“, изјави лидерот на социјалдемократите.
Вештачки непријателства со Грција и Бугарија
Филипче смета дека Владата свесно провоцира влошување на односите со соседните држави, со што директно им штети на стратешките интереси на Македонија.
„Немојте да мислите дека нема да осудиме доколку има напади врз нас, но мораме да мислиме на реалноста и на добрите меѓусоседски односи. Благодарение на оваа влада, Грците и Бугарите се претворија во вештачки непријатели преку постојани провокации кон едната и кон другата страна“, потенцираше Филипче.
Напредок само преку европскиот систем
Претседателот на СДСМ нагласи дека на земјата ѝ е потребна „политика на разум“ за да се обезбеди полноправно членство во Европската Унија, кое го смета за единствен пат кон вистински напредок.
„Нема напредок без Европа. Тоа значи зајакнување на системот, воспоставување на неселективна правда и повеќе пари за граѓаните. Без европската рамка, државата останува во место“, заклучи Филипче во своето гостување.