Професор Узунов: Доаѓаат црни денови — нула раст и инфлација над 7% ако кризата потрае

37

Универзитетскиот професор Ванчо Узунов предупреди дека доаѓаат тешки времиња за македонската економија и апелираше Владата итно да донесе мерки за ублажување на ударот од растечките цени на горивата, додека стопанските комори бараат промена на моделот за формирање на цените.

Узунов: Кризата ќе потрае минимум до крај на годинава

Професорот на УКИМ, Ванчо Узунов, гостувајќи во емисијата „Бизнис 21″, упати директно предупредување до граѓаните и до Владата.

„Идат црни денови, тешки времиња. Требаше одамна да почне да се размислува. Знам дека ова малку личи на дигање паника, но подобро е да има паника сега, отколку потоа да прашуваат зошто не ни кажавте на време”, изјави Узунов.

Тој оцени дека конфликтот на Блискиот Исток нема да заврши брзо, а негативните ефекти ќе продолжат минимум до крајот на годинава.

„И да почне да завршува, негативните ефекти ќе се прелеат и ќе продолжат понатаму, барем до крај на оваа година”, предупреди професорот.

Според неговите проекции, доколку кризата потрае повеќе од шест месеци, годинава ќе заврши со нула проценти економски раст и стапка на инфлација над 7 до 8 отсто. Најголемиот удар, нагласи тој, ќе биде врз најсиромашните граѓани.

Узунов изрази стравување дека Владата нема фискален простор за мерки, поради што досега не реагирала како земјите од соседството.

Наумоски: Итно намалување на акцизи и ДДВ и активирање стратешки резерви

Универзитетскиот професор Синиша Наумоски оцени дека ударот врз македонската економија ќе зависи од времетраењето на конфликтот. Доколку цената на нафтата на глобалниот пазар надмине 130 долари за барел, инфлацијата во глобални рамки ќе достигне околу 4 отсто.

Тој побара итна координирана акција меѓу Владата, стопанските комори и синдикатите, со конкретни мерки:

  • Привремено намалување на акцизите — во проекции од 2 до 6 месеци
  • Намалување на ДДВ на горива
  • Активирање на стратешките резерви
  • Обезбедување минимум 90 дена резерви, во согласност со европската политика

Алиу: Транспортот ги тангира сите сектори без исклучок

Претседателот на Стопанската комора на северо-западна Македонија, Нухи Алиу, потенцираше дека поскапувањето на транспортот неизбежно ќе се одрази врз сите останати цени.

„Транспортот учествува во цената на чинење на секој производ. Ние сме повеќе увозна земја, значи и да увезуваме и да извезуваме — имаме корекција на цените. Тука нема шанса некој сектор да се спаси”, изјави Алиу.

Тој откри дека сите стопански комори заедно разговараат со Владата и нудат конкретни предлози. Меѓу нив е враќање на стариот правилник на Регулаторната комисија за енергетика, со кој наместо еднаш неделно во понеделник, корекции на цените на горивата би имало постојано, во зависност од осцилациите на светските берзи. Според Алиу, со моменталниот модел трговците со нафта трпат штети, бидејќи горивото во земјава е најевтино во регионот.

Македонски