Нова динамика на цените на горивата: Одлука еднаш неделно, дизелот може да скокне до 85 денари

522

Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ) со правилник донесен на 4 март ја смени динамиката на формирање на цените на горивата – од сега одлука за највисоки малопродажни цени ќе се носи еднаш седмично, секој понеделник. Укината е и можноста за вонредна корекција среде седмица, додека познавачи предупредуваат дека дизелот следната недела може да поскапи за 12 до 15 денари и да достигне околу 85 денари за литар.

Што се менува со новиот правилник?

Новата методологија предвидува пресметката на цените да се темели на просек од изминат седумдневен период, а одлуката да се носи на седница секој понеделник. Истовремено, избришана е одредбата која ѝ овозможуваше на Комисијата да реагира и во текот на седмицата кога берзанските цени или курсот би повлекле корекција од најмалку 2 денари по литар.

Овој механизам беше воведен во 2022 година како вентил за брзи ценовни шокови. Со неговото укинување, цената практично се „заклучува” во неделен циклус, без формален простор за вонредно усогласување меѓу два понеделника.

Скок на увозот среде седмица, а цената не може да се помести

Официјалната логика е „сигурност во снабдувањето” во услови на турбуленции на светските берзи. Но аналитичарите предупредуваат дека токму оваа временска кочница може да произведе спротивен ефект: ако цената на увозот скокне среде седмица, трговците остануваат со трошок кој расте „ден за ден”, а со цена која не смее да се помести до следниот понеделник. Во таков распоред, кризата не почнува со официјално поскапување, туку со лимити, прекини и селективно точење.

Првите симптоми: Гужви и наводни ограничувања

Во јавноста веќе се појавија сведоштва за гужви и нервоза на бензинските пумпи, со тврдења дека на дел од станиците дизел не се точел или се споменувале неофицијални ограничувања на количината. Во обид да се овладее со ситуацијата, во јавноста се појави и известување со печат на „Лукоил” со ограничување на продажбата на дизел за тешки товарни возила, трактори и автобуси до најмногу 50 литри и забрана за точење во небезбедни канистри.

Мицкоски: Има доволно деривати, Владата ќе интервенира

Премиерот Христијан Мицкоски денеска порача дека граѓаните треба да бидат спокојни и дека нема недостаток на нафта и нафтени деривати.

„Имавме состанок со поголемите дистрибутери. Заедничкиот заклучок е дека има доволно деривати. Кај нас цената е драматично пониска од соседството – ако литар дизел во Србија е 120 денари, кај нас е 70″, рече Мицкоски по поставувањето камен-темелник на новиот кампус на Универзитетот „Мајка Тереза”.

Тој најави дека доколку има драматичен скок на цената, Владата уште во вторник на редовна седница ќе интервенира.

„Имаме неколку опции – дали ќе намалиме акциза или ДДВ, ние апсолутно ќе застанеме во одбрана на стандардот на граѓаните”, подвлече премиерот.

Државни резерви за над 62 дена

Според Мицкоски, државните резерви на нафта и нафтени деривати покриваат над 62 дена во однос на вкупната дневна потрошувачка, што е на највисоко историско ниво. Тој додаде дека е донесена методологија за постепено достигнување на законски предвидените 90 дена.

Премиерот потврди дека имало информации за наводни забрани на точење по 22 часот на одредени бензински станици, но дека инспекциите се постојано на терен.

„Секое девијантно однесување ќе биде санкционирано согласно закон”, нагласи Мицкоски.

Можен инфлаторен притисок

На прашањето дали е загрижен од нов инфлаторен шок, премиерот одговори дека можноста за нова инфлација е реална доколку кризата во Заливот потрае.

„Ние не сме политичка гарнитура што сака да внесува страв, туку сме гарнитура која ги антиципира предизвиците и нуди решенија”, заклучи Мицкоски, додавајќи дека инфлацијата во јануари изнесувала 3,1 отсто, со очекување да се стабилизира под три отсто во февруари.

Во моментов, дизелот се продава по 71 денар за литар, но познавачи предупредуваат дека следната недела цената може да скокне на околу 85 денари – што би претставувало зголемување од околу 20 отсто и би се прелеало во цените на храната, транспортот и комуналните услуги.

Македонски