Да студираме бесплатно и да не нè условуваат со продажба на книги, побараа студенти на дебата за новиот Закон за високо образование
Во време кога младите си заминуваат од државата, студентите да се задржат со бесплатно високо образование, да се забрани продажбата на книги како услов за положување испит, универзитетите да најдат начин да проверат дали дипломираниот студент е способен за она за што дипломирал.
Ова беа само некои од барањата и предлозите кои ги имаа студенти и професори на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, на денешната јавна дебата за новиот предлог-закон за високо образование, која се одржа денеска на Филозофскиот факултет. Во дебатата учествуваа министерката за образование и наука Весна Јаневска, како и ректорката Билјана Ангелова.
Во преполниот амфитеатар се дискутираше за начинот и критериумите за избор во звање. Имено, според предложеното, секој професор кој ќе аплицира за избор во звање, ќе има обврска да изработи и објави најмалку 6 трудови од кои 4 треба да се објавени во списание со импакт-фактот „Веб оф сајанс“ или „Скопус“. Имаше професори кои кажаа дека не може на ист начин да се вреднува трудот, односно исти правила да важат за сите научни дисциплини.

Анета Лековска од Православниот богословски факултет и членка на Сенатот, кажа дека согласно член 161 се воведуваат унифицирани критериуми во врска со научните трудови.
„Овие критериуми се соодветни за некои научни области, но не и за нашата дејност. Кај нас значителен удел се остварува преку монографии. Во глобални рамки нема списанија со импакт фактор од оваа наша област. Треба да се направи измена во овој дел оти вака, со унифицирани критериуми, малите и специфични научни дисциплини ќе бидат ставени во нееднаква положба“, рече таа.
Студент на Филолошкиот факултет на насоката општа и компаративна книжевност, зборуваше за финансиските обврски кои ги имаат студентите и за потребата од бесплатно студирање.
„Се зборува за студентскиот квалитет на живот, во време кога младите си заминуваат од земјава. Но еве ние што останавме, гледаме дека постојано се игнорира фактот дека многумина од нас имаат високи трошоци за студирање. За дел од парите што ги даваме, не ни знаеме каде одат. Процесот на студирање треба да е лесен, а не да се мачиме со бирократија и со финансиски должности. Плаќаме за материјални ресурси 3.000 денари, но не знаеме каде одат тие пари“, рече студентот.
Јаневска одговори дека нема високото образование да биде бесплатно.
„За кого барате бесплатно образование? Студентите од еднородителски семејства, студентите со попреченост, студентите кои доаѓаат од семејства со ниски примања, со овој закон се ослободуваат од партиципација. Исто така и студентите од социјалните категории земаат стипендии. Студентите во домовите од социјални категории плаќаат помалку. Веќе има олеснувања во однос на плаќањата“, рече Јаневска.
Друг студент искоментира дека во Законот за високо образование, оние кои го пишувале пропуштиле во членот 112, да ја уредат купопродажбата на книги на факултетите.

„Во оваа земја, во нашиот високообразовен систем, прво нешто кое студентите треба да го прават е да купуваат книги, најчесто со пари на рака. Овој член сметам дека треба да се прошири. Дури и кога факултетот ги има авторските права, сепак, професорите наоѓаат начин како да ги продаваат книгите на рака. Затоа, треба да се стави експлицитна забрана за корупција и кривично да се гонат тие што продаваат. Има случаи и кога студенти платиле, а не добиле учебници“, рече студентот.
Јаневска на ова кажа дека не може да стои во законот дека се забранува продавање.
„Ако има такви случаи, пријавете ги и ајде еднаш да го расчистиме тоа, да си одговараат тие професори и да престане таа пракса“, кажа таа пред присутните.
Професорот од Филозофскиот факултет Илија Ацески дискутираше за членот 122 од законот, во кој се регулира содржината и резултатот од учењето.
„Прво стои – да го воведе студентот во академски дисциплини, да му овозможи квалификации, да го оспособи студентот. Во овие законски одредби, не постои еден механизам елементарен, кој ќе го провери и оцени дипломираниот студент дали е способен за она што факултетот го обучил. Тоа значи, ако факултетот создава кадри тие треба да бидат вклучени во работа, па мора да има механизам кој тоа ќе го потврди и ќе каже дека студентот е способен за што ја добил дипломата“, рече Ацески, на што Јаневска немаше коментар.
Професорот Александар Стојков од Правниот факултет „Јустинијан Први“, кажа дека треба да претрпи измени членот 132, кој ја уредува содржината на студиските програми.
„Сега стои дека студиските програми содржат задолжителни изборни наставни предмети и дека задолжителните треба да бидат од соодветната област на единицата на универзитеот. Во пракса, може да се случи студент на Градежен да заврши без да учи математика, оти математика бил изборен предмет. Или студенти на Машински, на ФЕИТ дипломирале, а не завршиле математика оти тој предмет е на листа на изборни предмети. Би сакал да ги имате предвид овие укажувања“, кажа Стојков.
Дарија Андовска, деканка на Факултетот за музичка уметност кажа дека уметничките факултети се неправедно занемарени со новиот закон.
„Ние сме единствен факултет на кој има индивидуална настава, а добар дел од професорите се хонорарно ангажирани кај нас. Во новиот закон има строги критериуми за напредување, па моето барање е за уметничките факултети ова поинаку да се регулира“, рече Андовска.
Интересно беше излагањето на професорката Зоја Бузалковска од Факултетот за драмски уметности, која зборувајќи за изборот во звања, кажа дека луѓе како Горан Стефановски пренеле огромно знаење, а ниеден од нив не бил доктор на науки.
„Дали нивното дело не е доволно како она на доктор на науки? Дали нивните претстави не се аналогни на објавените трудови во списанија со импакт фактор? Да се напредува на нашиот факултет е тешка и одговорна работа“, рече таа.
Иван Андоновски од Филолошкиот факултет „Блаже Конески“, пак, кажа дека треба да се земат предвид долгогодишните апели – македонистиката да добие посебен статус заради заштита на националните интреси.
„Универзитетот во Љубљана во повеќе сегменти има одделни одредби кои се однесуваат на словенечкиот јазик, на методиката по словенистика. На Универзитетот во Љубљана, согласно нивниот Закон за високо, има одредби кои се во насока на зачувување на словенечкиот јазик, а кај нас такво нешто немаме“, кажа Андоновски.