Четири години од руската инвазија врз Украина – земјата изгуби 10 милиони луѓе и се соочува со демографска катастрофа

7

Денеска се навршуваат четири години од почетокот на руската инвазија врз Украина, која започна на 24 февруари 2022 година. Покрај огромните разурнувања и десетиците илјади жртви, војната остави длабоки и долгорочни последици врз демографската структура на земјата – со проценка дека Украина изгубила околу 10 милиони луѓе од почетокот на конфликтот.

Демографска криза без преседан

Украинската демографка Ела Либанова предупредува дека земјата се соочува со сериозна демографска криза. Според нејзините проценки, од почетокот на војната Украина изгубила околу 10 милиони луѓе – поради загинати, масовно иселување или поради тоа што живеат на окупирани територии надвор од контролата на централните власти.

Иако падот на наталитетот бил присутен и пред војната, конфликтот дополнително ја влошил состојбата. Просечниот број на деца по жена во моментов е под едно – значително под европскиот и американскиот просек, што ја прави Украина една од земјите со најниска стапка на наталитет во светот.

Војната го уништува репродуктивното здравје

Лекарите алармираат и за зголемени проблеми со плодноста како директна последица на конфликтот. Специјалистката д-р Ала Бараненко посочува дека стресот, неизвесноста и тешките услови за живот сериозно влијаат врз репродуктивното здравје на популацијата.

Меѓу регистрираните последици се појава на предвремена менопауза кај помлади жени и намален квалитет на репродуктивните клетки, особено кај војниците изложени на екстремни физички и психички оптоварувања.

До 140.000 загинати, 59.000 деца без родители

Воените загуби дополнително ја продлабочуваат демографската криза. Според проценките, од почетокот на инвазијата загинале меѓу 100.000 и 140.000 украински државјани. Просечната возраст на војниците на фронтот е околу 43 години, што значи дека голем дел од загинатите зад себе оставиле семејства.

Една од најтажните статистики е дека во моментов околу 59.000 деца во Украина живеат без своите биолошки родители.

Дипломатијата без конкретен резултат

И по четири години, дипломатските напори за ставање крај на војната не донесоа конкретен резултат. Како клучна пречка се наведуваат територијалните прашања, околу кои ставовите на Москва и Киев остануваат непомирливи.

И покрај декларираната поддршка од европските земји, украинските власти посочуваат дека дел од најавената финансиска и воена помош сè уште не е целосно реализирана, што создава дополнителна неизвесност за текот на конфликтот.

Македонски