КРАЈ ЗА ЕВТИНИТЕ ПРАТКИ ОД КИНА: ЕУ воведува задолжителна царина за сите мали пакети

8

Советот на Европската Унија и официјално даде „зелено светло“ за воведување нови царински давачки за малите пакети кои влегуваат во Унијата, мерка која директно ќе ги погоди гигантите за е-трговија како Теmu, Shein и AliExpress. Новата регулатива има за цел да го сопре огромниот прилив на бесцарински стоки, кои според Брисел, создаваат нелојална конкуренција за европските трговци.

Зошто се воведува оваа мерка?

Податоците се фрапантни: во 2024 година во ЕУ влегле дури 4,6 милијарди мали пакети, од кои дури 91 процент потекнуваат од Кина. Досега, сите пратки со вредност под 150 евра беа ослободени од царина, што многу продавачи го злоупотребуваа за да ја избегнат давачката. Со новата одлука, овој праг се укинува.

Како ќе се пресметува царината? (Преоден период 2026–2028)

Од 1 јули 2026 година, стапува на сила привремена фиксна царинска давачка од 3 евра. Сепак, потрошувачите треба внимателно да го прочитаат „ситниот печат“, бидејќи оваа такса не се плаќа по пакет, туку по категорија на производ во него.

Што значи ова во пракса?
Ако во еден ист пакет нарачате:

  • 1 свилена блуза (Категорија А)
  • 2 волнени блузи (Категорија Б)

Вие нема да платите 3 евра за целиот пакет, туку 6 евра (3 евра за првата категорија и 3 евра за втората). Доколку во пакетот има производи од три различни царински категории, давачката ќе изнесува 9 евра, иако вредноста на самиот пакет може да е само десетина евра.

Што по 2028 година?

Од јули 2028 година, системот ќе стане уште построг. Привремената такса од 3 евра ќе биде заменета со редовни царински стапки, кои ќе се пресметуваат преку новиот „Пан-европски центар за царински податоци“. Оваа онлајн платформа ќе овозможи целосно и прецизно царинење на секоја пратка во реално време.

Влијание врз буџетот и пазарот

Европската комисија очекува оваа мерка значително да ги зголеми приходите во буџетот на ЕУ и националните финансии на земјите-членки. Главната цел, сепак, останува заштитата на домашните производители и трговци кои не можат да се носат со ниските цени на кинеските платформи кои досега ги користеа законските „дупки“ за влез на европскиот пазар без дополнителни трошоци.

Оваа одлука на ЕУ се очекува да предизвика бран слични законски измени и во земјите кои се кандидати за членство, со цел усогласување со европските трговски правила.

Македонски