(КУП „БУШТУР“) МЗТ СКОПЈЕ ГО ДЕМОЛИРАШЕ РАБОТНИЧКИ: „Штрковите“ со моќна завршница до полуфинале

1

Бранителот на трофејот, МЗТ Скопје Аеродром, ја потврди фаворитската улога и обезбеди пласман во полуфиналето на Купот „Благоја Георгиевски – Буштур“, откако во големото вечно дерби славеше убедлив триумф над Работнички со 100:69.

Иако конечниот резултат сугерира лесна победа, кошаркарите на Работнички беа рамноправен ривал во поголемиот дел од мечот, сè додека „аеродромци“ не ја префрлија во повисока брзина во последната четвртина.

Натпреварот во Куманово започна изедначено (25:24), а Работнички покажа заби и во третиот период кој заврши нерешено (19:19). Сепак, недостигот на свежина кај тимот од Градски парк беше евидентен во последните десет минути. МЗТ Скопје ја искористи пошироката ротација и со брутални 29:9 во четвртата четвртина го скрши отпорот на ривалот за конечни „плус 31“.

Кај победникот, најефикасен беше Мек Смит-Мекејвен со 17 поени, а уште четворица кошаркари на МЗТ остварија двоцифрен учинок, што ја покажува разновидноста во нападот на актуелниот шампион. На спротивната страна, блескаше капитенот на Работнички, Виктор Ефремовски, кој со 26 поени беше најпрецизен поединец на средбата, но неговиот индивидуален учинок не беше доволен за изненадување.

Во следната фаза, МЗТ Скопје Аеродром ќе се соочи со подобриот од дуелот меѓу Кожув и Маџари. Претходно, пласман во полуфиналето обезбеди и екипата на ТФТ, која лесно се справи со Феникс славејќи со 98:71.

Последниот патник во полуфиналето ќе биде одреден по вечерашниот натпревар помеѓу домаќинот МКК Куманово и Пелистер.

Македонски