Србија вели „македонска марихуана“, Мицковски сеуште нема докази за потеклото на марихуаната запленета во Србија?!
Мицкоски: Случајот со петте тони марихуана е сериозен, следуваат проширени полициски акции и вонредни контроли
Премиерот Христијан Мицкоски изјави дека нема официјални информации дека запленетите пет тони марихуана во Србија потекнуваат од Северна Македонија. Одговарајќи на новинарско прашање на прес-конференција за тоа „како пет тони канабис излегле од Македонија во Србија“, Мицкоски нагласи дека доколку постојат такви сознанија, тие треба да бидат пријавени во Обвинителството.
Иако институциите засега не соопштуваат јасни податоци за потеклото и трасата на запленетата дрога, големата полициска акција што започна на 5 февруари во Северна Македонија, според неофицијални информации, тргнала од фабриката за медицински канабис „Алфафарм“ – компанија што се споменува и во контекст на случајот во Србија.
Премиерот оцени дека станува збор за „сериозен случај“ и најави проширување на истрагите кон други компании кои, како што рече, ги злоупотребувале лиценците за одгледување канабис. Во интервју за МРТ, Мицкоски изјави дека очекува Министерството за внатрешни работи во наредниот период да заплени „десетици тони“ недозволени материи.
„Очекувам МВР да излезе со значително поголеми количини – не со неколку, туку со десетици тони марихуана – кои или се складирани во земјава, или биле незаконски пуштени во промет, вклучително и преку односи со правни субјекти надвор од државата“, изјави Мицкоски.
На можната „српско-македонска врска“ во овој случај укажа и Државното обвинителство на Република Северна Македонија. Од Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција соопштија дека започнале истрага за пет тони марихуана купена во Северна Македонија, а пронајдена во Србија, при што македонското обвинителство активно соработува со надлежните институции во Србија.
Според соопштението, Обвинителството било информирано за случајот во петокот и оттогаш е во постојана размена на информации со српските органи, за истрага која, како што беше наведено, „има пипала од двете страни на границата“.
Истражните органи паралелно ги анализираат начините на кои големи количини дрога ја напуштале државата без да бидат детектирани од Царинската управа. Се испитуваат сомнежи дека марихуаната била извезувана како „пломбирана роба“ со лажни декларации за отпад или други земјоделски производи. Во фокусот се и точните датуми и регистарските таблички на возилата што ја минувале границата со Србија, додека Царинската управа чека официјални извештаи од српските колеги за евентуална инволвираност на царински службеници.
Владата најави дека на седницата закажана за 10 февруари 2026 година ќе донесе одлука за вонредна контрола на сите 43 компании кои поседуваат лиценци за одгледување канабис. Реагираше и Здружението за канабис и зелени политики „БИЛКА“, оценувајќи дека постојните законски решенија го фаворизираат бизнисот на сметка на пациентите и дека забележаните злоупотреби се последица на долгогодишен недоволен надзор од надлежните институции.