Одржан седмиот состанок на македонско-хрватската мешовита комисија за заштита на националните малцинства

6

Денеска се одржа седмиот состанок на Меѓувладината мешовита комисија за заштита на македонското и хрватското национално малцинство, на кој детално беше разгледан напредокот во реализацијата на заклучоците од претходниот состанок, како и утврдени идните чекори за унапредување на малцинските права.

Посебен акцент беше ставен на правата на хрватското национално малцинство во Македонија, врз основа на принципот на реципроцитет, односно во согласност со правата кои ги ужива македонската заедница во Република Хрватска.

Со состанокот ко-претседаваа заменик-министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Зоран Димитровски, и државниот секретар во Средишниот државен уред за Хрватите надвор од Република Хрватска, Звонко Милас. На состанокот учествуваа членови на двете државни делегации, како и претставници на националните малцинства.

Директорот на Агенцијата за иселеништво, Горан Ангелов, кој е член на Мешовитата комисија, упати благодарност до Владата на Република Хрватска за континуираната грижа и поддршка на македонската заедница во Хрватска во негувањето на јазикот, културата и националниот идентитет. Тој посебно ја истакна поддршката од Католичката црква за Македонската православна црковна општина „Св. Злата Мегленска“ во Загреб, која претставува нов духовен и културен центар за православните верници.

Во рамки на состанокот, Ангелов оствари и билатерална средба со државниот секретар Звонко Милас, при што беа разменети искуства и информации во врска со работата, програмите и стратешките заложби на двете институции задолжени за прашањата на иселеништвото и националните заедници.

Македонски