Словенија подготвува законски измени за ограничување на социјалните мрежи за деца под 15 години

2

Словенечката влада на седница одржана во Дравоград усвои насоки за измени на законската регулатива со кои се предвидува ограничување на користењето на социјалните мрежи од страна на лица помлади од 15 години.

Како што изјави вицепремиерот Матеј Арчон, иницијативата е подготвена од Министерството за образование, а пред усвојувањето на конкретните законски решенија, свое мислење ќе треба да даде и Министерството за дигитална трансформација.

По завршувањето на седницата, Арчон појасни дека одлуката е донесена со цел да се спречат негативните последици од прекумерната употреба на социјалните мрежи кај децата и адолесцентите, следејќи ги примерите и практиките на повеќе европски и светски земји.

„Ова прашање е актуелна тема на глобално и европско ниво во изминатите недели и месеци. Со овој чекор, како влада испраќаме јасна порака дека сериозно се грижиме за благосостојбата, менталното здравје и заштитата на нашите деца“, изјави Арчон.

Во наредниот период се очекува надлежните институции да ги прецизираат механизмите за имплементација на мерките, како и начинот на нивно спроведување во согласност со европските регулативи и дигиталните права.

Македонски