Државниот завод за ревизија утврди сериозни слабости во работењето на СОЗР

6

Големиот број лица ангажирани преку приватни агенции за вработување, договори на определено време и договори на дело во Службата за општи и заеднички работи на Владата (СОЗР) негативно влијае врз континуираното обезбедување услуги за државните институции, како и врз квалитетот и веродостојноста на финансиските извештаи, констатира Државниот завод за ревизија (ДЗР).

ДЗР изврши ревизија на финансиските извештаи и усогласеноста на работењето на СОЗР за 2024 година, при што беа издадени четири ревизорски извештаи. Ревизијата утврди низа неправилности во управувањето со државниот имот, јавните набавки, човечките ресурси и финансиското работење.

Непотполна и несоодветна евиденција на државен имот

Ревизорите утврдија слабости во проценката и евиденцијата на земјиштето со вкупна вредност од речиси 20 милијарди денари. Дел од земјиштето е евидентирано со несоодветни податоци за површина, неусогласени со имотни листови, додека земјиште кое одамна е продадено сè уште фигурира во сметководствените книги.

За дел од локациите во Струмица, Кичево, Куманово, Велес, Штип и Дојран, СОЗР нема информации дали и како се користи земјиштето, ниту дали има промени во сопственоста, иако неговата проценета вредност надминува 130 милиони денари.

Застарена опрема и неупотребливи залихи

Ревизијата покажува дека 92 проценти од опремата на СОЗР е целосно отпишана, што укажува на користење застарени средства. Дел од опремата, како пумпи и генератори набавени за поплавите во Стајковци во 2016 година, се распределени на други институции без соодветна документација.

Кај залихите, утврдено е дека 95 проценти од резервните делови во магацините се застарени и неупотребливи, иако со години се предлага нивно расходување. Дополнително, евидентиран е и кусок на ситен инвентар во износ од над 4 милиони денари, без утврдена одговорност.

Ангажирање кадар спротивно на закон

ДЗР утврди дека дел од привремено ангажираните лица извршувале редовни раководни задачи, иако не ги исполнуваат законските услови за тие работни места. Во 2024 година за вакви ангажмани се исплатени над 3,2 милиони денари.

Забележани се и недоследности во систематизацијата на работните места, особено кај условите за поседување лиценци за авио-диспечери.

Проблеми во јавните набавки и угостителските објекти

Ревизијата укажува и на фаворизирачки услови во одредени постапки за јавни набавки, како и на несоодветно планирање кај сервисирањето на службените возила.

Во работењето на рестораните и бифеата под надлежност на СОЗР се утврдени сериозни пропусти: неводење законска евиденција, доцнење во уплата на готовински средства, неиздавање фискални сметки и разлики во залихите од над 4 милиони денари.

Лизинг на луксузни возила без економска анализа

СОЗР обезбедува 45 службени возила од висока класа преку лизинг, без јасни процедури за планирање, анализа на реалните потреби и економска оправданост. Во последните постапки за јавна набавка, конкуренцијата била ограничена на само еден понудувач, што, според ревизорите, претставува ризик за неекономично трошење на буџетски средства.

Ризици поради недоволни човечки ресурси

ДЗР предупредува дека значителниот број вработени на определено време, честата миграција на кадар и недоволното инвестирање во обуки создаваат сериозен ризик за континуитетот и квалитетот на услугите што СОЗР ги обезбедува за државните институции.

За надминување на утврдените состојби, ревизорите дале низа препораки до надлежните органи, со цел подобрување на управувањето, транспарентноста и законитоста во работењето на Службата.

Македонски