Закочени преговорите за минималната плата: ССМ најави протести и блокади на институциите

4

Преговорите за зголемување на минималната плата се целосно закочени, поради што Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ) најави серија протести и блокади на клучни институции. Синдикалците велат дека нема да отстапат додека не се обезбеди повисок стандард за работниците и правично намалување на функционерските плати.

Како што информира претседателот на ССМ, Слободан Трендафилов, идниот вторник ќе биде организирана блокада на пратениците, со цел, како што рече, тие да не можат да земаат патни трошоци и јавно да одговорат зошто не си ги намалуваат функционерските плати, додека предлогот на ССМ за зголемување на работничките плати стои во фиока.

На 12 февруари, наредниот четврток, најавена е блокада на работодавачите, кои според синдикатот „веќе 36 години ги држат работниците во заложништво со мизерни плати“. На 17 февруари, пак, мета ќе биде Владата, со цел да се оневозможи пристапот на премиерот и министрите со службени возила.

– Ќе мора пеш да дојдат на работа и да ги погледнат в очи работниците кои земаат најниски плати во Европа и живеат најмизерно – изјави Трендафилов.

Тој најави дека една од следните фази е можен 24-часовен генерален штрајк, а не се исклучува ниту организирање на нов масовен протест, сличен на оној одржан на 28-ми минатиот месец. Времето, како што посочи, ќе биде прецизирано дополнително, со цел да се овозможи поголемо учество на работниците, поради претходни поплаки дека биле попречувани.

ССМ утре ќе поднесе и иницијатива во Собранието за намалување на функционерските плати. Пратениците ќе имаат рок до идниот вторник да изгласаат намалување на сопствените примања и зголемување на работничките плати – минималната на 600 евра, а останатите за најмалку 100 евра. Во спротивно, синдикатот најави дека ќе собере 10.000 потписи и како овластен предлагач сам ќе ги поднесе законските решенија.

Министерот за економија Бесар Дурмиши сè уште нема доставено предлог за незголемување на функционерските плати, кои поради растот на просечната плата треба да се зголемат за 200 до 300 евра. Тој изјави дека се чекаат податоците од Државниот завод за статистика и дека ќе се постапи исто како и минатата година. Во однос на барањето за субвенционирање на придонесите за минималец од 600 евра, Дурмиши најави дека одлуката ќе се носи на претстојниот Економско-социјален совет.

– Минималната плата во март ќе биде зголемена за околу 7 до 8 проценти. Ако ги земеме предвид и наредните години, до 2027 и 2028, вкупното зголемување ќе биде околу 40 проценти – изјави Дурмиши.

Од ССМ, пак, велат дека немаат добиено покана и нема да присуствуваат на седницата на Економско-социјалниот совет. Во меѓувреме, за четврток е закажана средба меѓу премиерот Христијан Мицкоски и синдикатот на УПОЗ. Владата нуди зголемување на платите за над 7.000 административни службеници за 40 проценти во период од две години, но под услов да се укине Општиот колективен договор.

Синдикалците ваквата понуда ја оценуваат како неприфатлива, бидејќи, според нив, тоа би значело намалување на платите за околу 21,8 проценти за повеќе од 130.000 вработени во јавниот сектор.

Македонски