Трендафилов: Владата не дојде да ја потпише спогодбата за минимална плата од 600 евра

15

Претседателот на Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ), Слободан Трендафилов, денеска објави дека претставник на Владата не се појавил на закажаната средба во 9 часот, на која требало да се потпише Спогодба за утврдување на висината на минималната плата.

Како што информира Трендафилов, со спогодбата било предвидено минималната плата, почнувајќи од исплатата за месец февруари 2026 година, да изнесува 600 евра нето, додека останатите плати да се зголемат за најмалку 6.000 денари.

Денеска паднаа маските и се разобличија лагите што претставникот на Владата ги изјавуваше изминатите денови за да создаде сомнеж кај работниците. Иако беше поканет, не дојде на средбата и очигледно имаше други приоритети. Се потврди дека зголемувањето на работничките плати, ниту минималната плата, ниту платите на останатите работници, не им се приоритет, напиша Трендафилов.

Тој додава дека, и покрај ваквиот однос, при првите знаци на криза Владата почнала да зборува за зголемување на платите, вклучително и за оние барања што синдикатите ги поставувале со месеци.

За борбата што ја водеше Синдикатот на УПОЗ речиси една година, за протестите на работниците во управата и за она што Владата одбиваше да го направи, денеска слушаме дека ќе го прават, наведува Трендафилов.

Тој оцени дека е позитивно што, по големиот работнички протест, Владата го прифатила предлогот на Синдикатот на УПОЗ за зголемување на платите во управата и правосудството, но нагласи дека колективниот договор требало да биде потпишан веднаш и без одлагање.

Македонски