Шилегов бара преиспитување и запирање на постапката за дел од обвинетите во предметот „Пулс“
Адвокатот Петре Шилегов денеска побара Јавното обвинителство да ги преиспита наводите во предметот „Пулс“ и да ја запре постапката за дел од обвинетите кои се товарат за тешки дела против општата сигурност. Тој оцени дека постои нееднаква примена на истата кривично-правна квалификација, бидејќи за едни обвинети постапката е запрена, додека за други продолжува, објави „360 степени“.
Шилегов, кој го застапува поранешниот советник во Министерството за економија, Шофкет Хазари, се повика на брифингот на Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК) од петокот. Тогаш беше соопштено дека постапката за седум полициски службеници е запрена, со образложение дека тие имале овластувања за проверки на јавен ред, мир и безбедност во сообраќајот, но не и за инспекции од областа на противпожарната заштита или минимално-техничките услови за угостителска дејност. Поради тоа, нивните дејствија не можат да се доведат во директна причинско-последична врска со пожарот во кабарето „Пулс“.
„Го замолувам Јавното обвинителство да го преиспита својот став. Ако за полициските службеници не може да се води постапка за загрозување на општата сигурност, тогаш треба јасно да се утврди за кои лица таа може да продолжи. Судскиот процес е исклучително скап и неекономичен – еден ден судење чини околу 150 илјади евра“, изјави Шилегов.
На неговото барање се приклучија и бранителите на останатите обвинети.
Претседателката на петчлениот судечки совет, судијката Диана Груевска-Илиевска, изјави дека Судот го следи брифингот на ОЈО ГОКК и веќе ја побарал одлуката, но нагласи дека, додека таа не биде доставена, судската постапка ќе продолжи. Јавниот обвинител Борче Јованов, пак, посочи дека обвинителството сè уште нема увид во одлуките на ОЈО ГОКК и дека во оваа постапка не се опфатени полициски службеници.
Инаку, ОЈО ГОКК во петокот поднесе три обвиненија против 25 полициски службеници поврзани со настаните во кабарето „Пулс“ во Кочани од 16 март, кога загинаа 63 лица, а околу 200 беа повредени. Дел од обвинетите се товарат за тешки дела против општата сигурност, а дел за злоупотреба на службената положба. За седум полициски службеници истражната постапка е запрена, а нивните дејствија од периодот 2012–2018 година се доставени на понатамошно постапување во Основното јавно обвинителство Кочани.