Дел од моштите на Свети Василиј Велики пристигнаа во манастирот „Св. Георгиј Победоносец“ во Рајчица

7

Дел од чесните мошти на Свети Василиј Велики, еден од најзначајните столбови на ранохристијанската Црква и истакнат проповедник на православната вера, од вчера се наоѓаат во манастирот на светиот великомаченик Георгиј Победоносец во Рајчица.

Како што информираат од Бигорскиот манастир, моштите биле подарени од јеромонахот Стефан Симион од Православната Црква на Романија, игумен на манастирот на светиот пророк Илија во италијанскиот регион Лацио. Одлуката оваа скапоцена реликвија да биде испратена токму во Рајчица, според објаснувањата, произлегла од препознавањето на живиот и силен континуитет на светоотечкото предание во оваа монашка обител. Пренесувањето на моштите ѝ било доверено на искушеничката Луминица, член на сестринството на манастирот.

Од манастирот дополнуваат дека историјата на моштите ја потврдува нивната исклучителна духовна и историска вредност. Тие му биле подарени на отец Стефан од ризницата на реликвии на Католичката црква, во која низ вековите биле пренесувани свети предмети од Истокот. За нивната автентичност сведочат оригиналните ватикански печати, поставени под самите мошти и на задниот дел од реликвијарот.

Пристигнувањето на моштите било дочекано со голема духовна радост, а нивниот траен престој во манастирот Рајчица веќе се смета за значаен благослов за верниот народ. Верниците отсега ќе имаат можност со вера и смирение да се поклонат и да побараат молитвено застапништво пред моштите на овој велик Христов јерарх.

Македонски