Венецуелскиот парламент ја усвои реформата за зајакнување на нафтениот сектор

12

Националното собрание на Венецуела едногласно ја усвои законодавната иницијатива за зајакнување на нафтената индустрија, јави германската новинска агенција ДПА.

Со реформата се отвора можност за зголемен прилив на странски инвестиции во енергетскиот сектор, што властите го оценуваат како клучен чекор за економско заздравување на земјата.

Иницијативата доаѓа по апелот на американскиот претседател Доналд Трамп за вложувања во венецуелскиот нафтен сектор, упатен на почетокот на јануари, по заробувањето на поранешниот претседател Николас Мадуро од страна на американската војска. Се очекува реформата особено да им користи на американските компании.

Во пресрет на гласањето, илјадници работници од нафтената индустрија маршираа низ главниот град Каракас во поддршка на реформата. Собирот беше организиран од владините структури.

Предлогот за реформата го поднесе в.д. претседателката и поранешна потпретседателка Делси Родригез, која по префрлањето на Мадуро во САД стана главна точка на контакт меѓу Вашингтон и Каракас.

На неодамнешниот Светски економски форум во Давос, Трамп изјави дека 50 милиони барели нафта, кои САД наводно ги презеле од Венецуела претходната недела, ќе бидат поделени меѓу двете земји.

„Пред дваесет години Венецуела беше одлична земја, а денес има сериозни проблеми. Ние им помагаме, а тие 50 милиони барели ќе ги поделиме со нив и ќе заработат повеќе пари отколку што заработиле долго време“, рече Трамп во Давос.

Тој додаде дека Венецуела, според неговите проценки, ќе оствари поголеми приходи во следните шест месеци отколку во изминатите две децении, истакнувајќи дека големите нафтени компании веќе покажале интерес за соработка.

Трамп нагласи дека САД имаат намера за долгорочен пристап до венецуелската нафта и постави барања во однос на приходите од нејзиниот извоз, посочувајќи дека Вашингтон очекува со години да учествува во управувањето и развојот на огромните нафтени резерви на земјата. Овие најави, сепак, беа одбиени од страна на Делси Родригез.

Македонски