Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, изјави дека не ја исклучува можноста земјите од Западен Балкан да станат членки на Европската унија заедно со Украина, преку забрзана постапка, како дел од поширок процес поврзан со изнаоѓање решение за прекин на војната во Украина.
Гостувајќи во програмата на Федералната радиотелевизија на Босна и Херцеговина, Вучиќ истакна дека значењето на границите ќе се намали доколку сите земји од регионот се приклучат „кон Европската унија или кон некаков вид полуевропска унија“. Според него, во рамки на мировниот договор за Украина се разработува посебен модел според кој таа земја би станала членка на ЕУ од 1 јануари 2027 година, што, како што оцени, може да отвори шанса и за државите од Западен Балкан кои сè уште не се дел од Унијата.
„За тоа се борев – не само за Србија, туку и за Босна и Херцеговина и за Северна Македонија“, изјави Вучиќ. Запрашан дали ваквото сценарио е реално, тој одговори дека не може со сигурност да тврди, но дека не ја отфрла таа можност.
Во истиот настап, Вучиќ ги демантираше обвинувањата дека за време на војната во Босна и Херцеговина користел снајпер за пукање врз граѓаните на Сараево, што се истражува во случајот познат како „Сараево Сафари“. Тој ги оцени ваквите тврдења како „озлогласени лаги“, нагласувајќи дека никогаш не пукал ниту учествувал во такви дејствија.
Дополнително, српскиот претседател остро реагираше на објавите на новинарот Домагој Маргетиќ, кој презентираше документи за наводно учество на Вучиќ во тероризирање на цивили во Сараево, нарекувајќи го „лажго и измамник“.