Протести на вработените во Македонска пошта поради неисплатени плати
Незадоволството на вработените во Македонска пошта денеска ескалираше во организирани протести низ целата држава, поради доцнењето на јануарската плата, која и до 23 јануари сè уште не им е исплатена.
Претседателот на синдикатот на Македонска пошта, заедно со вработените, порача дека протестите ќе продолжат сè додека не се изврши исплатата на заостанатите примања. Тие нагласија дека раководството навремено било предупредено оти, доколку платата не биде исплатена до предвидениот рок, ќе следуваат протестни активности, а како следен чекор не се исклучува ниту целосен штрајк.
Покрај финансиските проблеми, вработените укажаа и на, како што велат, крајно лошите услови за работа. Дел од објектите немаат греење и основна работна опрема, а во одредени простории, според нивните тврдења, е присутен и азбестен материјал, што претставува сериозен ризик по здравјето.
Протестите не се ограничени само на главниот град. Вработени во повеќе градови низ Македонија денеска излегоа пред објектите на Македонска пошта, испраќајќи иста порака – итна исплата на платите и подобрување на условите за работа.