Процесот за воведување на системот „Сејф Сити“ влегува во завршна фаза, откако денеска Собранието треба да одлучува за измените во Законот за прекршоците – последниот законски предуслов за негово официјално активирање. За усвојување на измените е потребно двотретинско мнозинство, кое, според најавите, е обезбедено.
Демократската унија за интеграција (ДУИ) потврди дека ќе гласа „за“ по одржаната лидерска средба со премиерот Христијан Мицкоски, со што се обезбедува поддршка и од ВМРО-ДПМНЕ, Вреди, ЗНАМ и Левица. Од друга страна, СДСМ најави дека нема да ги поддржи измените, посочувајќи дека остануваат нерешени прашања поврзани со управувањето и заштитата на базата на податоци.
Со стапувањето во сила на законските измени, системот „Сејф Сити“ ќе започне со работа во Скопје, Куманово и Тетово, како и на одредени делници од Коридорите 8 и 10. На овие локации камерите досега функционираа во пробен режим и испраќаа само предупредувања до возачите.
Од Министерството за внатрешни работи најавуваат дека од 1 февруари 2026 година ќе започне и реалното санкционирање на сообраќајните прекршоци, додека до крајот на годината е планирано проширување на системот на целата територија на државата.