Силно невреме ја парализира Грција: затворени училишта, забрана за пловидба и црвен аларм во повеќе региони
Обилни врнежи од дожд и грмежи, снег дури и во подрачја со пониска надморска височина, како и силен ветер, од утрово ја зафатија цела Грција, предизвикувајќи сериозни нарушувања во секојдневното функционирање на земјата. Поради екстремните временски услови, училиштата во повеќе региони се затворени, воведени се заштитни мерки за вработените, а граѓаните добија предупредувачки пораки преку системот за итни случаи, јавува дописничката на МИА од Атина.
Вчера, во Министерството за климатски кризи и цивилна заштита на Грција беа одржани координациски состаноци, по што беше донесена одлука за издавање црвено предупредување (Red Code) и ставање во состојба на целосна мобилизација на регионите Атика, Пелопонез, Тесалија, како и централна и северозападна Грција.
Во состојба на зголемена готовност се противпожарните служби, со посебен фокус на поширокиот регион на Атина, а подготвеност изразија и армијата, грчката полиција и крајбрежната служба. Пораки од бројот 112 за итни случаи беа испратени до жителите на пет региони со апел да ги ограничат движењата, а утрово истото предупредување го добија и сите граѓани во Атика.
„Поради интензивните временски појави што се очекуваат од пладне до доцна навечер, ограничете ги движењата само на апсолутно неопходните и следете ги упатствата на надлежните органи“, се наведува во пораката.
Поради силниот ветер, на трите атински пристаништа е воведена забрана за пловидба, а сите бродови и траекти останаа закотвени. Истовремено, основните и средните училишта и градинките во повеќе делови на земјата, вклучително и во Атина, денеска се затворени, при што наставата се одвива онлајн.
Со одлука на префектот на Атика, Никос Хардаљас, превентивно се затворени сите државни и приватни училишта на територијата на регионот, поради опасностите што може да произлезат од интензивните врнежи и движењето на учениците и наставниот кадар. Хардаљас истакна дека станува збор за превентивен пристап, нагласувајќи дека безбедноста на децата не смее да биде доведена во ризик.
За вработените во јавниот и приватниот сектор издадено е упатство за работа од дома, доколку не се во можност безбедно да стигнат до работното место, додека за сите што работат на отворено е воведен задолжителен прекин на работата.
Според Националната опсерваторија во Атина и метео-порталот „Метео“, денешните врнежи се класифицирани во Категорија 5 – екстремни. Експертите предупредуваат дека во Атика за краток временски период може да наврнат меѓу 50 и 60 милиметри дожд, што претставува сериозен ризик од поплави и други последици.