Една жртва и десетици повредени во железничка несреќа во Каталонија, Шпанија погодена од силно невреме
Едно лице загина, а најмалку 37 други се повредени во тешка несреќа со приградски воз во североисточниот шпански регион Каталонија, што се случи во четвртокот, само два дена по големата железничка трагедија на југот на земјата во која животот го загубија најмалку 42 лица.
Регионалните служби за итна помош информираа дека жртвата е машиновозачот на возот, додека снимките што ги објавија локалните медиуми сведочат за сериозни оштетувања на предниот дел од композицијата.
Агенцијата за цивилна заштита на Каталонија соопшти преку социјалната мрежа „Икс“ дека на местото на несреќата, во близина на градот Гелида, источно од Барселона, биле распоредени околу 20 амбулантни возила, заедно со голем број болничари и специјализирани екипи за итни интервенции.
Според првичните официјални информации, потпорен ѕид се урнал врз железничките шини за време на силна бура проследена со обилни врнежи од дожд и удрил во приградски воз кој сообраќал на линијата Р4 од мрежата Родалиес. Станува збор за линија што вообичаено е исклучително фреквентна во попладневните и вечерните часови во работните денови.
Претходно истиот ден, уште еден воз од мрежата Родалиес, на линијата Р2, излета од шините во близина на градот Бланес, подалеку на север, поради лизгање на земјиштето. Во тој инцидент возот изгубил оска, но, според надлежните, нема повредени патници.
Во меѓувреме, службите за итни случаи пронајдоа автомобил на маж кој бил однесен од надојдените води во корито на поток што вообичаено е сув, во близина на градот Палау-Сатор. Пожарникарите наведоа дека се претпоставува оти телото пронајдено во возилото му припаѓа на исчезнатиот човек.
Поради невремето наречено „Хари“, шпанските власти прогласија црвен аларм во делови од Каталонија. Бурата донесе силни ветрови со брзина до 80 километри на час и интензивни врнежи, а издадени беа и предупредувања до граѓаните да ги избегнуваат пристаништата и плажите поради опасни бранови долж брегот.