Снегот го отежнува сообраќајот: Забрана за тешки товарни возила на неколку планински превои

19

Врнежите од снег што од утрово ја зафатија земјава го отежнуваат одвивањето на сообраќајот во градските средини и на патните правци. Како што информираат од ЈП „Македонија пат“ и Авто-мото сојузот на Македонија (АМСМ), од утринските часови е воведена забрана за сообраќај на тешки товарни возила на планинските превои Стража, Ѓавато и Пресека, како и на патните делници од Маврово кон Дебар и од Струга до граничниот премин Ќафасан.

Сообраќајот на државните патишта се одвива по влажни коловози, со умерен интензитет, додека на граничните премини засега не се евидентирани подолги задржувања за влез и излез од државата.

Од АМСМ потсетуваат дека од 15 ноември до 15 март 2026 година е на сила законската обврска за задолжително поседување зимска опрема во сите возила, независно од моменталните временски услови.

„Апелираме до возачите да возат со зголемена внимателност, да ја прилагодат брзината на условите на патот и строго да ја почитуваат сообраќајната сигнализација, особено на патиштата низ котлини, речни долини и клисури каде што постои зголемен ризик од одрони“, велат од АМСМ. Посебна претпазливост се препорачува на делниците Катланово–Велес, Маврово–Дебар–Струга, Виница–Берово и Кочани–Делчево.

И од ЈП „Македонија пат“ упатуваат апел за внимателно управување со возилата и почитување на сообраќајната сигнализација, предупредувајќи дека на одделни патни правци што минуваат низ усеци и клисури можна е појава на поситни одрони.

Скопје повторно потфрли со одржувањето на улиците

Една од многуте улици кои утрово осамнаа во снег е и булеварот „Христијан Тодоровски Карпош“ во Бутел каде движењето на автомобили е отежнато, а снегот се натрупува.
Ниту е фрлено сол на патот, ниту службите реагираат, велат жителите и апелираат општинската и механизацијата на јавните градски претпијатија да помогне во расчистувањето на наносите.

Најкритични точки во овие моменти претставуваат мостот Маџари кон Ченто, како и надвозникот од населбата Даме Груев кон Ѓорче Петров, каде возилата со часови стојат во место. Според сведочењата, коловозите се замрзнати, а сообраќајот се одвива исклучително бавно или е целосно блокиран.

Проблеми се пријавуваат и во Општина Илинден, каде се создала огромна гужва, а излезот кон автопатот е речиси невозможен поради замрзнати коловози и застој на возилата.

Македонски