Осум загинати во три лавини во Австрија

10

Осум лица ги загубија животите во три одделни лавински несреќи што се случија вчера во Австрија, информираа спасувачките служби и полицијата.

Најтешката несреќа се случила попладнето на врвот Финстеркоф, висок 2.150 метри, во долината Гросарл, во федералната покраина Салцбург. Таму лавина затрупала седумчлена скијачка група, при што четири лица биле пронајдени мртви, а неколкумина се здобиле со тешки повреди, соопшти портпаролката на Планинската спасувачка служба во Салцбург.

Во одделен инцидент, жена загинала во лавина во реонот на Бад Хофгаштајн. Засега не се соопштени информации за нејзината националност и возраст, ниту за идентитетот на другите настрадани и повредени лица во овие два случаи.

Трета лавинска несреќа се случила попладнето во Пустервалд, во федералната покраина Штаерска. Според полициски извештај, лавината била активирана додека седум чешки скијачи се движеле во таа област, при што три лица загинале.

Четири лица кои не биле директно зафатени од лавината биле безбедно евакуирани од алпскиот терен од спасувачките екипи, по што им била укажана итна медицинска помош.

Македонски