Операторот на фрирајд турите на Шар Планина ги демантира наводите: Полицијата била повикана по наша пријава, не поради загрозена безбедност
Операторот што речиси две децении организира фрирајд и скијање со ратрак на Шар Планина остро реагира на, како што оценува, сензационалистичко и шпекулативно медиумско известување поврзано со интервенцијата на Националниот парк Шар Планина, наведувајќи дека со таквиот пристап се нарушуваат долгогодишни туристички релации на Попова Шапка и се нанесува сериозна штета на дестинацијата и државата.
Според операторот, скијањето со ратрак претставува високо специјализиран туристички производ, кој со години е препознаен и ценет на светската скијачка сцена. Во изминатите речиси 20 години, преку оваа понуда, Шар Планина ја посетиле над 1.500 странски скијачи по сезона, меѓу кои и истакнати имиња од Северна Америка, Западна Европа и Скандинавија, како и бројни новинари, патеписци и автори од реномирани меѓународни медиуми и специјализирани магазини.
Од таму потенцираат дека токму овој вид туризам придонел за значајна меѓународна промоција на Македонија и Попова Шапка, а голем дел од хотелските капацитети и локалното население директно или индиректно егзистираат благодарение на ваквите гости.
Во реакцијата се критикува работењето на Националниот парк Шар Планина, за кој операторот тврди дека под превезот на заштита на екологијата и биодиверзитетот, селективно постапува, додека, како што наведуваат, паралелно се толерираат загадување, бесправна сеча и дивоградби на други делови од планината.
Операторот категорично ги демантира наводите дека полицијата интервенирала поради загрозување на безбедноста од нивна страна. Напротив, како што тврдат, полицијата била повикана по нивна пријава, поради незаконско и присилно постапување на терен, по што ренџерите биле отстранети од местото на настанот.
„Со ваквото неточно и непрофесионално информирање се создава лажна слика во јавноста и се нанесуваат сериозни репутациски и финансиски последици, не само за операторот, туку и за Попова Шапка, хотелите и целата туристичка понуда“, наведуваат од компанијата.
Дополнително, операторот посочува дека постапувал согласно официјален допис и тарифник доставени од Националниот парк Шар Планина, врз основа на кои, по барање на самата установа, извршил авансна уплата од 5.000 евра, со образложение дека паркот е самофинансирачка институција.
И покрај тоа, како што тврдат, ратраците биле физички спречени да се движат без претходно писмено решение, без формална забрана и без спроведена законска постапка на лице место, што според нив претставува пречекорување на овластувањата.
„Основано се сомневаме дека станува збор за сплет на интереси кај поединци во Националниот парк и обид за саботажа на веќе воспоставен и меѓународно препознатлив туристички производ, наместо за транспарентно и законско управување со заштитеното подрачје“, наведува операторот.
Во реакцијата се поставува и прашањето зошто институција задолжена за развој на одржлив туризам настојува да спречи веќе постоечки и светски познат туристички продукт, наместо да го регулира и унапреди, особено имајќи предвид, како што велат, дека операторот работи според високи професионални стандарди.
„Остануваме посветени на почитување на законите, заштита на природата и развој на одржлив туризам, но инсистираме на законско, транспарентно и непристрасно постапување, без селективност и без влијание на поединечни интереси“, порачуваат од компанијата.