Се одбележува годишнината од подвигот на Мара Бунева – револуционерка и симбол на борбата за слободна Македонија

23

Македонија денеска ја чествува Мара Бунева, една од најпознатите личности на македонското револуционерно движење и дејка на Внатрешната македонска револуционерна организација (ВМРО), која во историјата остана запаметена како борец за слободата на Македонија и револуционерен херој.

Мара Бунева е родена во семејство со силна интелектуална и патриотска традиција. Основното образование го завршила во Тетово, а средното во Скопје. Нејзиниот татко, Никола С. Бунев, бил близок соработник и пријател на истакнати македонски дејци како Матеја Геров и д-р Никола Герасимов. Во семејството Буневи имало шест деца – Борис, Лазар, Мара, Надежда, Вера и Елена.

По завршувањето на Првата светска војна, Бунева заминала во Бугарија, каде што дипломирала на Софискиот универзитет. Преку својот брат Борис Бунев, таа стапила во редовите на ВМРО и активно се вклучила во револуционерните активности, извршувајќи задачи по наредба на организацијата.

По апсењето и судењето на македонските студенти во Скопје во 1927 година од страна на тогашните српски власти, настан што предизвикал големо внимание и реакции во европската јавност, Бунева донела одлука за одмазда. На 13 јануари 1928 година, на кејот на реката Вардар, во близина на Камениот мост во Скопје, таа извршила атентат врз српскиот државен обвинител Велимир Прелиќ. Веднаш по атентатот, за да не биде уапсена, Бунева се застрелала и од здобиените повреди починала следниот ден, на 14 јануари 1928 година.

Атентатот бил поврзан со големиот судски процес против 20 македонски студенти, членови на Македонската младинска тајна револуционерна организација (ММТРО), основана во 1923 година во Виена. Организацијата имала широка мрежа низ европските универзитетски центри, но и силно присуство во Македонија, во повеќе градови и региони. Нејзин организатор бил Иван Бојаџиев од Велес, студент во Виена.

Од осамостојувањето на Македонија до денеска, секоја година се одржува панихида во чест на Мара Бунева на кејот на Вардар, каде што се наоѓа единственото спомен-обележје посветено на неа. Тоа низ годините често било предмет на оштетувања, како резултат на различни историски и политички толкувања на нејзиниот лик и дело.

И покрај нејзиното значајно место во македонската историја, Мара Бунева сè уште нема улица, институција или меморијален простор што го носи нејзиното име, ниту во родниот крај, ниту на друго место во земјата. Останува отворено прашањето за институционалната грижа и трајното одбележување на нејзиниот револуционерен подвиг, со цел идните генерации да можат да учат за нејзината улога во борбата за Македонија.

Македонски