ЦУК: Обилните дождови предизвикаа дополнителни точки со поплави и одрони: Најкритично во Кочанско и Охридско
Обилните врнежи од дожд изминатото деноноќие предизвикаа сериозни проблеми во повеќе региони низ државата, поради што се активирани кризните штабови и механизацијата на јавните претпријатија. Центарот за управување со кризи (ЦУК) утрово информира дека најтешка е состојбата во Кочанско и Охридско, додека во Скопскиот регион засега нема поголеми нарушувања.
Кочанско под вода: излеани реки и сообраќајни ограничувања
Во општина Кочани е регистрирано значително зголемување на водостоите на реките и каналите во полскиот дел. Најкритично е кај Оризарска Река, во близина на селото Грдовци, каде реката се излеа и поплави неколку подрумски простории на куќи. Поради ризик за безбедноста, Министерството за внатрешни работи воведе забрана за сообраќај на северниот влез во селото.
Локални излевања се забележани и на Кочанска Река кај селото Горни Подлог, како и на Зрновска Река пред нејзиниот влив во Брегалница. На терен интервенираат екипи со механизација од КЈП „Водовод“ – Кочани и Водостопанство „Брегалница“.
Поради одрон, сообраќајот на патниот правец Македонска Каменица – рудник „Саса“ се одвива по една лента во должина од околу 200 метри, додека дополнително е отежнат сообраќајот и на патот Неокази – Петришино кај Пробиштип, поради излевање на реката Киселица. Од ЦУК посочуваат дека водостоите во горните текови се стабилизираат, но средните и долните текови и натаму остануваат ризични.
Охрид: поплавена населбата Далјан
Во Охрид, кризниот штаб на општината ги стави во функција сите расположливи ресурси. Поради излевање на реката Далја, поплавена е населбата Далјан. Екипи со тешка механизација работат на пренасочување на водата кон Охридското Езеро, додека со пумпи се црпи вода од поплавените подруми, дворови и деловни објекти.
Дополнително, надојдената Коселска Река го подјадува патот кај мостот кон селото Вапила, во близина на селото Ливоишта, што претставува потенцијален ризик за сообраќајот.
Кичево и Пелагонија: евакуации и земјоделски штети
Иако водостојот на реките во Кичево бележи намалување, состојбата на одредени локации сè уште е сериозна. Околу 120 жители од улицата „Прилепска“ и натаму се евакуирани и сместени во спортската сала „Христо Узунов“, а увид и процена на штетите на објектите е најавена за утрешниот ден.
Во Пелагонискиот регион, состојбата во Битола е стабилизирана, освен во населбата Стрчин каде се регистрирани наноси од земја. Во селата Кравари, Жабени и Породин поплавени се земјоделски површини. Во Ресен, Крушево и Демир Хисар се евидентирани поплавени дворови, помошни објекти и ниви поради излевање на Црна Река и Обедничица, како и оштетувања на дел од патната инфраструктура.
Тетовско: свлечишта и локални штети
Во тетовскиот регион, обилните дождови предизвикаа свлечишта кои ги блокираа локалните патишта кон селото Ѓермо и месноста Бањиче. Општинските служби работат на расчистување на теренот. Во Мала Речица е урнат потпорен ѕид, а во селото Стримница, во Општина Желино, регистрирано е излевање на реката Вардар.
Стабилна состојба во Скопје и североистокот
На подрачјето на Скопје, Куманово, Крива Паланка, Ранковце и Кратово нема позначајни проблеми. Исклучок се подмрзнатите коловози во кумановскиот регион, кои се третираат од надлежните служби.
Од ЦУК апелираат граѓаните да бидат внимателни, да ги следат препораките на институциите и да пријавуваат евентуални нови ризици до надлежните служби.