Откриени 10 килограми кокаин во БМВ X5 кај Горно Количани, приведен 26-годишник
Во координирана акција на Основното јавно обвинителство Скопје и Министерството за внатрешни работи, во текот на вчерашниот ден беа откриени 10 килограми наркотична дрога кокаин со висока чистота, скриени во автомобил БМВ X5 со скопски регистарски ознаки.
Автомобилот бил сопрен во селото Горно Количани, по што јавен обвинител од судија на претходна постапка обезбедил наредба за детален претрес. При контролата, во импровизиран бункер во подвозјето на возилото била пронајдена дрогата.
Основното јавно обвинителство Скопје поведе истражна постапка против 26-годишникот кој го управувал автомобилот, поради сомнение за сторено кривично дело – неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори, по член 215 став 1 од Кривичниот законик.
За осомничениот ќе биде предложена мерка притвор, поради опасност од бегство, можност за влијание врз сведоци и соучесници, како и ризик од повторување на кривичното дело.
Со оглед на големото количество на запленетата дрога, јавниот обвинител издал повеќе наредби за утврдување на потеклото на кокаинот, неговата крајна дестинација и евентуална вмешаност на други лица.