Смртоносен пожар на новогодишна забава во Швајцарија: десетици загинати и многу повредени во Кран-Монтана
Десетици лица загинаа, а околу 100 други се повредени во пожар што избувнал за време на новогодишна забава во алпскиот ски-центар Кран-Монтана, на југот на Швајцарија, соопшти полицијата во четвртокот.
Портпаролот на полицијата во кантонот Вале, Гатан Латион, изјави дека пожарот избувнал околу 1:30 часот по полноќ во лаунџ-барот „Ле Констелацион“, пренесува CNN. На утринската прес-конференција тој наведе дека се претпоставува оти во катастрофата загинале „неколку десетици“ лица, додека околу 100 се повредени.
Надлежните информираа дека во инцидентот биле вклучени лица од повеќе националности, без да соопштат дополнителни детали. Сè уште не е објавен официјален број на загинати. Дел од медиумите првично јавија дека животот го загубиле 10 лица, повикувајќи се на полициски извори, пренесе „Скај њуз“.
Главната обвинителка на кантонот Вале, Беатрис Пију, изјави дека истрагата е во тек со цел да се утврдат околностите што довеле до „оваа драматична ситуација“. Таа нагласи дека засега станува збор за пожар и дека „во ниту еден момент не се работи за напад“.
Во тек е идентификација на жртвите и преземање мерки телата што е можно побрзо да им бидат вратени на семејствата. Поради обемот на истражните активности, најавено е привремено затворање на дел од дистриктот.
На местото на настанот биле ангажирани 10 хеликоптери, 40 возила на итната помош и околу 150 припадници на службите за итни интервенции. Полицијата воведе и забрана за летови над Кран-Монтана.
Потврдено е дека пожарот избувнал внатре во лаунџ-барот, но причините засега не се познати.
Кран-Монтана важи за една од најексклузивните туристички дестинации во Швајцарија. Сместена на околу 1.500 метри надморска височина, областа е позната по сончевите денови, панорамските алпски погледи од Матерхорн до Мон Блан, луксузните продавници, врвната гастрономија и богатата скијачка и апре-ски понуда. Со околу 15.000 жители, регионот има тесно поврзана заедница и е популарна, но дискретна дестинација за бројни познати личности.