Зеленски ги отфрли обвинувањата за напад врз резиденцијата на Путин, ја обвини Русија за саботажа на мирот

11

Украинскиот претседател Володимир Зеленски ги негираше тврдењата на Москва дека Украина извршила напад со беспилотни летала врз една од резиденциите на рускиот претседател Владимир Путин и оцени дека ваквите обвинувања се обид на Кремљ да ги попречи мировните преговори.

Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров изјави дека Киев наводно извршил ноќен напад со 91 беспилотно летало со долг дострел врз државната резиденција на Путин во северозападниот регион Новгород. Според Москва, инцидентот ќе доведе до преиспитување на руската позиција во мировните разговори, иако не е познато дали Путин се наоѓал на таа локација во моментот на наводниот напад.

Зеленски ги оцени тврдењата како „типични руски лаги“, наменети да создадат изговор за продолжување на нападите врз Украина. Тој потсети дека Русија и претходно таргетирала владини објекти во Киев и предупреди дека ваквите наративи имаат за цел да го поткопаат мировниот процес.

„Од клучно значење е светот да не молчи сега. Не смееме да дозволиме Русија да ја саботира работата за постигнување траен мир“, напиша Зеленски на социјалната мрежа X.

Во соопштение објавено на Телеграм, Лавров тврдеше дека сите 91 дрон биле пресретнати и уништени од руската противвоздушна одбрана и дека нема жртви или материјална штета. Тој оцени дека, поради, како што рече, „политиката на државен тероризам на киевскиот режим“, Русија ќе ја ревидира својата преговарачка позиција, но додаде дека Москва нема намера да се повлече од разговорите со САД, пренесе агенцијата Тас.

Обвинувањата доаѓаат по разговорите меѓу САД и Украина одржани во Флорида во неделата, на кои претседателите Доналд Трамп и Володимир Зеленски дискутираа за ревидиран мировен план за ставање крај на војната.

По средбата, Зеленски изјави за „Фокс њуз“ дека постои реална можност конфликтот да заврши во 2026 година, но нагласи дека Украина не може да успее без поддршка од Соединетите Американски Држави.

„Ставовите на претседателот Трамп за санкциите и економските мерки покажуваат дека тој е подготвен на силни чекори. Во оваа ситуација, САД можат побрзо да ја придвижат ситуацијата кон мир“, рече Зеленски.

Тој повтори дека не гледа знаци оти рускиот претседател сака мир и дека нема доверба во Путин. Воедно, информираше дека Вашингтон ѝ понудил на Украина безбедносни гаранции во период од 15 години, додека Трамп оцени дека договорот за ова прашање е речиси целосно усогласен.

Според Зеленски, територијалните прашања и статусот на нуклеарната централа Запорожје, која е под руска окупација, остануваат меѓу главните нерешени теми, при што има мал напредок и околу иднината на регионот Донбас, кој Москва настојува целосно да го стави под своја контрола.

Во моментов, Русија контролира околу 75 отсто од регионот Донецк и речиси 99 отсто од Луганск, двата региони познати како Донбас.

Македонски