Промовирани 120 нови полициски возила: Владата најавува засилена борба против криминалот и корупцијата

9

Безбедноста и расчистувањето на криминалот и корупцијата остануваат врвен приоритет на Владата, при што Министерството за внатрешни работи има клучна улога во тој процес, изјави премиерот Христијан Мицкоски на денешната промоција на 120 нови полициски возила наменети за униформираната полиција.

Премиерот им честиташе на вработените во МВР, на раководството и на министерот за успешно реализираниот проект, посочувајќи дека новата опрема значително ќе ја унапреди мобилноста и оперативната ефикасност на полициските службеници.

„Како Влада ќе продолжиме да поддржуваме вакви проекти“, нагласи Мицкоски, додавајќи дека се надева оти новите возила ќе се користат што поретко, што, според него, би значело помалку криминал и криминалци во државата.

Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски истакна дека станува збор за прва ваква набавка по повеќе од 15 години и дека возилата се опремени со најсовремена технологија, според светските полициски стандарди.

„Ова се моќни и целосно технички опремени возила, со современи тетра-системи и пристап до неопходни бази на податоци, што им овозможува на полициските службеници на терен веднаш да вршат проверки и анализи“, појасни Тошковски.

Тој потенцираше дека проектот е реализиран со значителна заштеда на буџетски средства. Првично планираната вредност изнесувала околу 232 милиони денари, додека конечната сума за набавката била 202 милиони денари, со што се заштедени приближно 30 милиони денари.

„Цената по возило е значително пониска од комерцијалната, што го прави овој проект особено успешен и важен за јакнење на капацитетите на Министерството за внатрешни работи“, истакна министерот Тошковски.

Македонски