Путин: Трамп сака дел од нуклеарната централа во Запорожје за рударење криптовалути
Рускиот претседател Владимир Путин изјави дека американскиот претседател Доналд Трамп покажал интерес дел од нуклеарната централа во Запорожје да се користи за „рударење“ на криптовалути. Ова, како што наведе Путин, било тема на тајни разговори меѓу Москва и Вашингтон.
Според неговите зборови, Соединетите Американски Држави се заинтересирани за поделба на контролата врз нуклеарниот објект, кој е под руска окупација од 2022 година.
„Вашингтон е заинтересиран предложениот удел во нуклеарната централа Запорожје да го искористи за криптовалутни операции“, изјави Путин на средба со руски бизнисмени, пренесува рускиот весник „Комерсант“.
Тој додаде дека Кремљ во моментов детално ја анализира понудата, која, како што посочи, била доставена преку таканаречена „шатл дипломатија“, како и по неодамнешната посета на Кирил Дмитриев, претставник близок до Кремљ, на Мајами.
Покрај ова, руските власти разгледуваат и паралелен предлог од американска страна, според кој нуклеарната централа во Запорожје би продолжила да произведува електрична енергија за потребите на Украина.