Од 1 јануари поскапуваат здравствените услуги: партиципацијата од 40 на 60 денари
Здравствена услуга за која граѓаните досега плаќаа 40 денари партиципација, од 1 јануари ќе чини 60 денари, најави денеска директорот на Фондот за здравствено осигурување (ФЗО), Сашо Клековски, на средба со медиумите.
Клековски информираше дека по десетгодишно одложување, Фондот одлучил да ги зголеми референтните цени за основниот специјалистички пакет и интернистичкиот пакет во јавните и приватните здравствени установи. Според новиот ценовник, специјалистички преглед, кој досега чинел 380 денари, ќе изнесува 720 денари.
„Ќе има симболично зголемување на партиципацијата за граѓаните – зборуваме за зголемување од десетина денари. Сакам да појаснам дека тоа не се нови средства за здравствените установи, туку промена на процентот на реализација. Установите фактурираат услуги кон Фондот, а најголем дел од нив не можат да го исполнат буџетот бидејќи услугите се преевтини. Со зголемувањето на цените даваме можност реално да се валоризира нивната работа“, изјави Клековски.
Според најавените измени, специјалистички преглед со земање брис, кој досега чинел 400 денари, ќе се зголеми на 750 денари. Општиот ургентен пакет од 780 денари се зголемува на 2.450 денари, додека ехото на еден орган ќе поскапи од 300 на 670 денари.
Од Фондот потенцираат дека целта на промените е подобрување на квалитетот и одржливоста на здравствените услуги, без значително финансиско оптоварување за граѓаните.