Естонија предупредува: Ќе се отвори оган врз секој неозначен руски војник што ќе ја премине границата
Естонскиот министер за надворешни работи Маргус Цахкна упати остро предупредување до Русија, нагласувајќи дека естонските безбедносни сили ќе отворат оган врз секој неозначен руски војник што ќе се обиде да ја премине државната граница.
Цахкна се осврна на таканаречените „мали зелени луѓе“ – термин што се користи за руските војници без ознаки, кои беа ангажирани за време на анексијата на Крим во 2014 година. Во интервју за полските медиуми, тој ги коментираше и неодамнешните гранични инциденти, вклучително и случајот од октомври, кога на границата биле забележани лица без воени ознаки, пренесува „Киев пост“.
„Дозволете ми да бидам директен: ако ‘малите зелени луѓе’ некогаш ја преминат нашата граница, ќе пукаме по нив. Тоа ќе бидат последиците – и за тоа нема расправа. Ако Русија не е сигурна дека навистина ќе реагираме, можеби ќе нè тестира“, изјави Цахкна.
Министерот потенцираше дека ваквите појави не се изолирани инциденти и дека слични случаи се регистрирани и во близина на Нарва – естонски град лоциран директно на границата со Русија.
„Не е првпат да ги забележиме. Постојано ги следиме ваквите движења. Имаме бројни извештаи, особено од Нарва, која е граничен град“, рече Цахкна.
Границата во тој регион ја формира реката Нарва, а дополнителни тензии создава фактот што Естонија и Русија, и покрај долгогодишните преговори, сè уште немаат ратификувано официјален договор за границата. На 17 декември, естонската гранична стража соопшти дека тројца руски граничари накратко влегле на естонска територија кај реката Нарва и таму се задржале околу дваесет минути.
Тогашниот министер за внатрешни работи Игор Таро изјави дека е прерано да се утврди дали станува збор за случајна грешка или за намерна провокација.
Дополнително, во ноември на реката Нарва бил забележан пловен објект на руската гранична стража на кој се веело знамето на платеничката група „Вагнер“. Како одговор на зголемените тензии, Талин на почетокот од годинава најави планови за изградба на воена база токму во Нарва.