Здружението „16-ти Март 2025“ бара дополнителна истрага за причината за смртта на жртвите во клубот
Здружението на граѓани „16-ти Март 2025“ алармира за сериозен јаз меѓу институционалните тврдења и обдукциската документација, што, според нив, отвора сомнеж дали вистинската причина за смртта на жртвите во трагичниот настан во клубот е соодветно и целосно утврдена.
Иако Основното јавно обвинителство се повикува на анализи од Институтот за хемија и Министерството за внатрешни работи, кои укажуваат на можност за присуство на цијанидни гасови при согорувањето на одредени материјали, од здружението посочуваат дека клучни токсиколошки докази недостасуваат во обдукциските наоди доставени до семејствата.
Според „16-ти Март 2025“, постојат три клучни факти кои, како што наведуваат, не се усогласени со досегашните официјални заклучоци:
-
Ниски вредности на јаглерод моноксид (CO): Кај поголем дел од починатите, измерените нивоа на CO биле ниски или нефатални, што не соодветствува со тврдењето дека смртта настанала исклучиво како последица на задушување од јаглерод моноксид.
-
Недостапни токсиколошки анализи: Иако во обдукцискиот налог е наведено дека се земени примероци за дополнителни токсиколошки испитувања, резултатите од тие анализи, според здружението, досега не им биле доставени на семејствата и не се дел од конечните извештаи.
-
Специфичноста на цијанидот: Водородниот цијанид, како што посочуваат, не се детектира со рутински анализи и брзо се метаболизира во организмот, што значи дека без навремени и специфични испитувања, можните докази можат целосно да исчезнат.
Од здружението оценуваат дека обдукциските наоди се нецелосни и најавуваат можност за правно оспорување на досегашните заклучоци. Тие инсистираат на спроведување дополнително или независно вештачење со цел да се утврди дали жртвите починале од изложеност на отровни гасови кои не биле соодветно анализирани.
„Сѐ додека не се објават резултатите од сите дополнителни токсиколошки анализи, не може со сигурност да се тврди дека причината за смртта е целосно утврдена. Ова е неопходно во интерес на правдата и достоинството на починатите“, се наведува во соопштението на здружението.