Апелација ги зголеми затворските казни за директорите во случајот со модуларната болница во Тетово
Апелацискиот суд во Гостивар денеска преку официјално соопштение информираше дека ги преиначил пресудите на Основниот суд Тетово во предметот поврзан со пожарот во тетовската модуларна болница, во кој во 2021 година животот го загубија 14 лица.
Со одлука донесена на 26 ноември 2025 година, повисокиот суд ги одби жалбите на осудените директори Флорим Бесими и Артан Етеми, а ги уважи жалбите поднесени од Основното јавно обвинителство Тетово. На тој начин, затворските казни за двајцата поранешни директори се зголемени од една и пол на по три години затвор.
Истовремено, Апелацискиот суд ја зголеми и паричната казна за правното лице – Клиничка болница Тетово, која сега изнесува 1,3 милиони денари.
„Судот ја преиначи пресудата во делот на кривичната санкција и во делот на одлуката за имотноправното побарување, така што обвинетите Ф. Б. од Тетово и А. Е., кои со првостепената пресуда беа огласени за виновни за кривичното дело тешки дела против општата сигурност, се осудуваат на казна затвор во траење од по три години. Обвинетото правно лице ЈЗУ Клиничка болница Тетово, кое беше огласено за виновно за кривичното дело предизвикување општа опасност, се осудува на парична казна во износ од 1.300.000 денари“, се наведува во соопштението на Апелацискиот суд Гостивар.
Со оваа одлука, второстепениот суд ја заостри казнената политика во еден од најтешките судски случаи поврзани со здравствениот систем во земјава, кој предизвика силни реакции во јавноста поради трагичните последици.